„Горди со Д-р Златко Станковски и Д-р Владимир Митевски“ – вака гласи известувањето од македонската амбасада во Германија по несебичната помош што овие двајца македонски доктори го направија за да им помогнат на повредените по синоќешниот напад во германскиот град Магдебург, кога Саудиец со автомобил влета во толпа луѓе кои присуствуваа на новогодишен пазар.
„Златко е од Прилеп, а Владимир од Радовиш. Тие работат како специјалисти за интерна медицина и интензивна нега во болницата во Магдебург. Синоќа го дадоа својот придонес во спасувањето и лекувањето на погодените од трагедијата во Магдебург. Горди со нашата дијаспора“ – велат од македонската Амбасада во Германија.
Најмалку пет лица загинаа вклучувајќи и дете во вчерашниот напад на божиќниот пазар во Магдебург, Германија.
Според градските власти повредени се околу 200 лица.
Лицето кое влета со автомобил на саемот во толпа луѓе е приведено.
Гувернерот на покраината истакна дека осомничениот е доктор од Саудиска Арабија кој живее во Германија од 2006 година.