
Годишниот преглед на интернет-порталот „Глобал фајрпауер“ (GFP) го откри рангирањето на најмоќните воени сили во светот за оваа година. Според анализата, САД остануваат на врвот како најсилна воена сила, а веднаш зад нив се Русија, Кина, Индија, Обединетото Кралство и Франција.
Украина, земјата што моментално е во воен конфликт, се наоѓа на 20. место на оваа листа.
Македонија е рангирана на 112. место од вкупно 145 држави, што претставува пад од две позиции во споредба со минатогодишното рангирање.
Анализата покажува дека од соседните земји, најдобро рангирана е Грција, која се наоѓа на 30. место. Бугарија е на 62. место, Србија веднаш зад неа на 63. позиција, Хрватска е 74-та, Словенија 78-ма, Црна Гора 96-та, додека Косово е на 141. место.
Методологијата на GFP користи над 60 фактори за да го пресмета т.н. „power index“ на секоја држава, вклучувајќи ја бројноста на вооружените сили, финансиската состојба, логистичките капацитети, географската положба и достапноста на ресурси. Листата се фокусира на конвенционалните вооружени сили, додека нуклеарните капацитети не се земени предвид.