Утрински Весник
Култура

Маестро Најден Тодоров со Софиската филхармонија гостува во Скопје

Маестро Најден Тодоров со Софиската филхармонија гостува во Скопје

Софиската филхармонија на 11 март, со почеток во 20 часот, гостува во салата на македонската Филхармонија. Под диригентската палка на маестро Најден Тодоров, кој воедно е и актуелен министер за култура во владата на Бугарија, ќе прозвучи програма со дела од Вангелис, Ханс Цимер, Енио Мориконе, Дмитри Шостакович и Џон Вилијамс. Концертот е со наслов „Новата класика“, а солист ќе биде обоистот Владимир Лазаревски. Концертот се организира во соработка со бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје.

dobivaj vesti na viber

Филмската музика, првично создадена како обид за подобрување на влијанието на киното, одамна стана класика и е дел од репертоарот на симфониските оркестри. Софиската филхармонија редовно одржува тематски концерти посветени на киното. За концертот во Скопје маестро Тодоров избра некои од најголемите ремек-дела на филмската музика од филмовите, како „Пиратите од Карибите“, 1492: Conquest of Paradise, „Мисијата“, „Хари Потер“, „Индијана Џонс“ и „Војна на ѕвездите“.

Повеќе од три децении талентот на Најден Тодоров достигнува нови врвови во разни жанрови и се наметнува на најпрестижните сцени во светот. На крајот на 2022 година, неговите концерти во Богота со Националната филхармонија на Колумбија, со познатиот виолончелист Сантијаго Канон-Валенсија како солист, како и концертот со Симфонискиот оркестар на Сан Ремо, доживеаја голем успех. Во ноември 2022 година со Софиската филхармонија тој гостуваше во Загреб, а во декември во големата сала на Берлинската филхармонија. Во меѓувреме, во октомври Најден Тодоров го презеде својот втор мандат како директор на Софиската филхармонија по презентирањето на брилијантно одбранетиот концепт за просперитет на националниот оркестар на Р. Бугарија.

Неговата професионална кариера почнува во пловдивското музичко училиште „Добрин Петков“, каде што на 16-годишна возраст дебитирал како диригент, а го создава младинскиот оркестар „Пловдив“, со кој учествува на неколку европски турнеи. Студирал диригирање кај Крстју Марев и Александар Владигеров, од 1993 година бил студент кај Урош Лајовиц и Карл Остерајхер на Универзитетот во Виена, во 1996 година специјализирал на Музичката академија „Рубин“ во Ерусалим кај Менди Родан. Магистрирал на Новиот бугарски универзитет, докторирал на Универзитетот во Лондон и насока културен менаџмент на Новиот бугарски универзитет. Бил стипендист на Меѓународната фондација „Св. Кирил и Методиј“, Фондацијата „Боргезе“, Ротари-клубот – Виена и швајцарската Фондација „Георг Вехтер“.

Првиот постојан меѓународен ангажман го доби во 1998 година во Хаифа, Израел, каде што беше избран меѓу повеќе од 150 кандидати за диригент на Симфонискиот оркестар на северен Израел. Во следните години ги посетил најголемите културни центри во Европа, Азија, Африка и во Америка. Од 2000 година, на 26 години, е музички директор на Пловдивската опера и Филхармонијата. Во операта во Пловдив ја изведе суперпродукцијата на Дарио Фо, „Севилскиот бербер“ од Росини, со која беше на турнеја во Холандија, Германија и во Велика Британија. Наградата „Пловдив“ ја доби за концертот со Пловдивската филхармонија и Џон Лорд.

Од 2001 година почнува неговото постојано партнерство со Рајна Кабаиванска, тој ги диригирал не само концертите на нејзините мастер-класи во Бугарија туку и нејзините настапи во Италија и Шпанија. Во 2002 година дебитира во Софиската опера, со која изведуваше претстави, концерти и сними многубројни оперски албуми со познати пејачи, гостуваше на оперскиот фестивал „Солотурн“, а првата заедничка продукција ја реализира со швајцарскиот режисер Џан Џаноти. На покана на диригентот Михаил Ангелов станува уметнички директор на Операта и на Филхармонијата во Бургас, а подоцна и на хорот „Дунавски звуци“ во Русе. Од 2004 година е диригент на популарната продукција „Ноќта на петте тенори“, со која ги посети Берлинската филхармонија, „Херкулес саал“ во Минхен, „Лајсхале“ во Хамбург, „Лидерхале“ во Штутгарт, „Алтеопер“ во Франкфурт, „Мајстерсингерхале“ во Нирнберг итн. Од 2005 година има контакти со Грандопера Вичита, каде што реализира разни продукции со светски изведувачи.

Во периодот од 2005 до 2017 година Најден Тодоров беше директор на Државната опера во Русе, со која настапуваше во Австрија, Швајцарија, Германија, Италија, Шпанија, Португалија, Франција, Белгија, Холандија, Луксембург, со бугарски и странски пејачи. Сними неколку ЦД-иња со Филхармонијата во Русе, едно со дела од Панчо Владигеров за Наксос. Објавено е ДВД од концертот во Букурешт со Филхармонијата во Русе и Џон Лорд. Со балетот на Операта во Русе тој почнува турнеи во Италија, Јужна Кореја и во Дубаи. Поставката на „Катерина Измаилова“ од Шостакович под режисерската палка на Вера Немирова беше објавена во специјална програма на австриската телевизија, како и во магазинот DieOpernwelt. За својата работа со Операта во Русе, Најден Тодоров доби неколку „Кристални лири“, наградите „Златна книга“, „Емил Чакеров“, музичар на годината и титулата почесен граѓанин“п на градот Русе.

Во 2006 година дебитира со Берлинскиот симфониски оркестар и една година подоцна беше поканет да диригира на турнеја во најголемите градови во Јапонија, во 2009 година го одржа својот прв концерт во салата „Чајковски“ во Москва, а во 2010 година дебитира во Виенската народна опера со изведбите на „Оревокршачка“ од Чајковски со Виенскиот државен балет. Најден Тодоров диригирал стотици симфониски концерти, оперски и балетски претстави во Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Португалија, Велика Британија, Романија, Србија, Република Северна Македонија, Косово, Полска, Чешка, Словачка, Турција, Русија, Израел, Египет, Кина, Јужна Кореја, САД итн. Учествувал и во меѓународни кросовер-проекти, како концерти со Џон Лорд, Анастасија, Даги Вајт, Ана-Марија Кауфман, Стив Балсамо, Касија Ласка итн. Во 2019 година „Дизни“ го организира првиот концертен настап на „Војна на ѕвездите“ (StarWarsinaConcert) во најголемите градови во Кина, со Софиската филхармонија под диригентската палка на Најден Тодоров.

Во Бугарија има работено апсолутно со сите симфониски оркестри и оперски куќи, но особено е поврзан со Софиската филхармонија, со која дебитира во 2001 година. Од 2004 година е нејзин постојан гостин диригент, подоцна главен диригент, а од 2017 година е нејзин директор. За изведбата на Втората симфонија на Малер со Филхармонијата (2005) ја добива својата прва „Кристална лира“. Истата година направи нов запис на националната химна на Бугарија со солистите Рајна Кабаиванска, Никола Ѓузелев, Роберта и Орлин Горанов. За промоција на бугарската музика, со Филхармонијата ја добил наградата „Златен квинтет“ на Сојузот на бугарските композитори, наградата „Златна книга“, како и Плакета на претседателот на Република Бугарија итн. Во 2008 година со Софиската филхармонија и солистите Светлин Русев, Људмил Ангелов и Борислав Јоцов дебитира во салата на УНЕСКО во Париз. На почетокот на 2018 година диригирал со Филхармонијата на концертот на отворањето на Бугарското претседателство со Европскиот совет во салата БОЗАР во Брисел, со солистите Соња Јончева и Људмил Ангелов. Во 2019 година со Филхармонијата со голем успех одржа концерти во златната сала на „Музикфераин“ во Виена и во салата „Ватрослав Лисински“ во Загреб. Во мај 2022 година повторно триумфира со Софиската филхармонија во златната сала на „Музикфераин“. Во септември ја диригира првата турнеја во Бугарија на Виенскиот симфониски оркестар. На концертите со Софиската филхармонија негови партнери се познати музичари, како Рајна Кабаиванска, Ангела Георгиу, Соња Јончева, Веселина Кацарова, Пол Бадура-Шкода, Јуриј Башмет, Патриција Копачинскаја, Сара Чанг, Максим Венгеров, Вадим Репин, Џулиутиан Капусон, Мидори, Пласидо Доминго, Марта Аргерич, Емануел Пају, Катја и Мариел Лабек, Сергеј Накарјаков, Гидон Кремер, Марија Жоао Пирес, Ками Тома, Иво Погорелиќ и многу други.

Најден Тодоров од 2018 година стана водител на емисијата „На концерт со БНТ 2“. Тој одржува курсеви за оркестарско диригирање во Бугарија и мастер-класи во Португалија и Шпанија. Бил член на жирито и претседател на меѓународниот натпревар по диригирање „Син Дунав“ и претседател на жирито на натпреварот „Гена Димитрова“.

Во 2019 година Најден Тодоров вторпат е избран за музичар на годината, во 2020 година ја добива хуманитарната награда „Богдан Богданов“, на 1 ноември 2021 година повторно е награден со „Кристална лира“. Во септември 2022 година добива и награда за култура на Град Софија.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“