Утрински Весник
Свет

Лувр под клуч: По спектакуларната кражба продолжува потрагата по виновниците

Louvre museum ticket 7.jpg
Dik 300x250 mk

Музејот Лувр во Париз останува затворен по дрзок грабеж во кој беа украдени осум непроценливи кралски накити за само седум минути. Настанот, првата поголема кражба во музејот од 1998 година, предизвика огромно внимание низ светот и повторно ја отвори дебатата за безбедноста на француското културно наследство.

Според француските власти, четиричлена вооружена група го извела грабежот во неделата наутро, околу 9:30 часот, само половина час по отворањето на музејот. Крадците користеле камион со лифт за да влезат во Галеријата на Аполон, каде се изложени некои од највредните историски богатства на Франција.


Вооружени со електрични сечила, тие скршиле две витрини – едната со накитот на Наполеон, а другата со крунските накити на француските монарси – и потоа побегнале со два скутери.

Истражителите подоцна пронашле алати, ракавици и два од украдените предмети, меѓу кои и оштетената круна на императрицата Евгенија, изработена од злато и украсена со над 1.300 дијаманти. Вториот пронајден предмет сè уште не е идентификуван.

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нунез изјави дека сторителите биле „високо обучени“ и веројатно поврзани со организирана криминална мрежа. Потрагата ја води тим од околу 60 истражители од париската антитерористичка и антикриминална единица, како и Канцеларијата за борба против трговијата со културно наследство.

Властите сметаат дека накитот е речиси невозможно да се продаде на отворен пазар. Се истражува дали грабежот бил извршен по нарачка или со цел перење пари преку продажба на скапоцените камења.

Реакции и шок

Кражбата предизвика бурни реакции и разочарување меѓу туристите кои утрово чекаа пред затворениот музеј.

Родриго и Алисија, туристи од Шпанија, изјавија за „Euronews“ дека ги купиле билетите уште пред еден месец.
„Фрустрирачки е, многу се радувавме што конечно ќе го посетиме Лувр“, велат тие.

Две сестри од Ирска, Елејн и Кристина, со восхит зборуваат за смелоста на крадците:
„Како да сме дел од историјата. Шокантно е, но фасцинантно во исто време. Жал ми е што се случи, но чувството е неверојатно“, вели Елејн.

Францускиот министер за правда Жерал Дарманен изјави дека грабежот испраќа „многу негативна слика“ за Франција, нагласувајќи дека јавноста се чувствува „лично ограбена“.

Претседателот Емануел Макрон го нарече настанот „напад врз наследството што сите го негуваме“.

Крајната десница, предводена од Марин Ле Пен, го опиша грабежот како „понижување“ и „рана за француската душа“. Таа порача на социјалната мрежа X: „Нашите музеи и историски градби не се заштитени соодветно на нивната важност. Време е да реагираме.“

Од левицата, поранешниот претседател Франсоа Оланд побара фокусот да биде насочен кон фаќање на сторителите, наместо кон политички препукувања.

Загриженост за безбедноста

Во последните години, безбедноста на Лувр е повеќепати доведена во прашање. Во јуни, вработените стапија во штрајк поради недостиг на персонал, предупредувајќи дека тоа ја загрозува безбедноста на експонатите.

Извештај на француската Државна сметковна комора потврди дека во крилото Денон, каде се наоѓаат Галеријата на Аполон и Мона Лиза, една од три сали нема надзорни камери.

Музејот Лувр ќе остане затворен додека трае истрагата, а француските власти ветуваат засилени мерки за безбедност на културното наследство.

Можете да прочитате

Кој стои зад грабежот на векот: Еве како изгледа украдениот накит од Лувр (ФОТО)

Орбан: Успехот на самитот во Будимпешта е од егзистенцијален интерес за Унгарија

Си Џинпинг го претстави нацртот на новиот петгодишен план за Кина