Интегрален текст од сопштение за јавност на Левица:
Во услови кога цените на основните производи растат во континуитет, а граѓаните едвај врзуваат крај со крај, актуелната власт повторно нуди неуспешни „решенија” кои не ги менуваат основните економски реалности. Основните продукти станаа луксуз, граѓаните осиромашуваат, додека трговците акумулираат милионски профити и рекордна заработувачка.
Од анализата на цените на основните производи, забележуваме огромни зголемувања – свежото месо и млечните производи поскапеле од 15 до 80 отсто, а синдикалната минимална кошничка во 2024 година изнесува над 62.000 денари. Отсуството на регулатива и државна интервенција овозможија слободниот пазар да сервира нова порција богатење на елитите, врз грбот на граѓаните.
Големите трговски ланци, го зголемија својот профит за неверојатни 16,6 отсто за само три години. Ова покажува не само дека пазарот е нерегулиран, туку е и манипулиран, а инфлацијата, во најголем дел вештачки создадена. Владините мерки како „замрзнување на цените” или „новогодишни кошнички” се покажаа како симболични и неефективни мерки, за дневно-политичко залажување на граѓаните.
Наместо козметички мерки, Левица предлага:
1. Ограничување на профитните маржи – задолжително и на долг рок, со редовна контрола од страна на инспекциските служби;
2. Укинување на ДДВ за основните производи – директна помош за граѓаните;
3. Зголемување на минималната плата на 450 евра – за приближување на животниот стандард кон оној во регионот;
4. Реструктурирање на увозната зависност преку поддршка на домашното производство.
Македонскиот народ заслужува системски решенија кои ги надминуваат економските предизвици. Политичките мерки што служат за дневна пропаганда, не даваат никаков резултат. Време е да ја поставиме економијата на правилна основа во корист на народот. Во спротивно, овој економски концепт, продолжува да слугува само на мала група луѓе поседници на крупниот капитал, којшто непрекинато го зголемува јазот помеѓу богатите и сиромашните.