Утрински Весник
Македонија

Левица: ВМРО-ДПМНЕ е продолжена рака на СДСМ – последиците од договорот со ,,Бехтел и Енка” врз грбот на граѓаните

Levica.jpg

Интегрален текст од соопштение на Левица:

ДПМНЕ е продолжена рака на политиката на СДС по однос на ,,Бехтел и Енка”! Двете партии заеднички работат на реализација на скандалозниот, коруптивен и неисплатлив проект каде единствените црвени линии се интересите на странскиот фактор и неговиот капитал. 

Гласачите и по ова прашање беа излажани од ДПМНЕ, па така наместо на раскинување, Владата работи на удоволување на барањата на американско-турскиот конзорциум. 

Левица претходно предупреди дека на проектот на „Бехтел и Енка” власта ќе раскрчмува по два отсто од БДП во следните пет години! Политиките донесени на сила од претходната Влада, едноставно, се спроведуваат на сила од актуелната. Излевањето на народните пари во странски конзорциуми не е далеку од единствената штета. 

Потсетуваме дека соработката со ,,Бехтел и Енка” е проследена со грандиозни скандали од првиот ден. За да им се удоволи на нивните барања беа променети дури девет закони. 

Целосно беше избегната јавната набавка и проектот се спроведува без тендер, а како личен договор. Се погази цивилизациското право на работниците за 40 – часовна работна недела, а веќе се исплатени и милионски суми, така што наместо резултат, добивме штета: прво – буџетска, а сега и директно врз граѓаните. 

Досега, речиси, секоја активност на Конзорциумот беше проследена со протести и блокади од граѓаните. Нивната работа оштети археолошки локалитети. Поради минирање настрадаа многу домови и религиски објекти, а под огромна опасност се изворите на вода за пиење и наводнување, коишто се од витално значење за Прилеп и околните села. 

Потсетуваме дека при носењето на законите по барање на ,,Бехтел и Енка”, Левица поднесе над 6500 амандмани за да ги спречи истите. Владата на ДПМНЕ и ЗНАМ наместо да го прекине овој погубен и криминален процес преполн со скандали, се впушти во негова дореализација. 

Новата Влада како пречка во наредна фаза од реализацијата ја гледа експропријацијата на имотите на граѓаните. 

Потсетуваме дека со законските измени се овозможи повеќе да не биде задолжително чекањето правосилност на одлуката за експропријација, туку може да располагаат со имотот штом одлуката за експропријација стане конечна. Тогаш ДПМНЕ обвини дека носењето на овој закон е противуставен и на штета на граѓаните. 

Од новата Влада бараме да биде доследна на своите политички ставови и изврши законски измени во насоката за која претходно се залагаше. Во спротивно, сè останува груба предизобрна фарса и продолжување на политиката на СДСМ!

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!