Утрински Весник
Македонија

Левица: Руинираниот систем за наводнување го доведува во опасност земјоделието во Овчеполието

Levica.webp.webp

Соопштение на Левица:

Земјоделците од Овчеполието и околината повторно се соочуваат со неизвесност и страв за својата егзистенција, поради деценискиот немар кон системот за наводнување кој се наоѓа во руинирана состојба. Ова беше истакнато на прес-конференција на Александар Симонов, член на Президиумот на Левица и советник во Општина Свети Николе.


Според Симонов, браната „Калиманци” не успеала да ги исполни ни минималните капацитети за оваа сезона, што го става под прашање наводнувањето на големи земјоделски површини во Кочанско, Овчеполието и Лозовско. Оризопроизводителите во Кочани веќе неколку години по ред се приморани да ги преполовуваат своите посеви, додека земјоделците во Свети Николе и Лозово се во целосна неизвесност околу количината на вода што ќе им биде достапна.

„Покрај сушната година, клучен проблем претставува и запуштениот систем за наводнување. Каналите се оставени да пропаѓаат повеќе од три децении, без никаква интервенција од страна на властите” – рече Симонов, нагласувајќи дека тоа доведува до огромни загуби на вода и нефункционалност дури и на постоечките капацитети.

И покрај изјавите на министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, за годишна инвестиција од 20 милиони евра во системите за наводнување, Симонов предупредува дека ваквите најави остануваат само дел од политичката реторика, без реални мерки на терен.

„Субвенциите се претворија во алатка за купување на социјален мир со работничката класа која ја создава храната, додека суштинскиот проблем – системот за наводнување, останува нерешен” – додаде тој.

Левица, како што најави Симонов, ќе побара буџетска интервенција за обновување на системите за наводнување веднаш кон првиот ребаланс на Буџетот. Според него, државата мора да го постави земјоделието и производството на храна како стратешки приоритет.

„Држава која не може самата да ја прехрани сопствената популација, станува целосно зависна од увоз и изложена на инфлациски шокови. Тоа е сериозен ризик за економската и социјалната стабилност” – заклучи Симонов.

Можете да прочитате

Притвор за дилер од Битола, им давал марихуана и на деца

Љутков: Библиотеките мора да се приспособат, да бидат подостапни за сите граѓани без исклучок

Основен суд Битола за изнесената пресуда во лифт: Обвинетиот не беше присутен, пресудата им беше усно јавно објавена