Утрински Весник
Македонија

Левица: Обвинетиот Марковски ја напушти државата со амин од правосудството

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

​​​​​Само неколку дена откако Основниот суд во Струга му го врати пасошот, Борче Марковски, обвинет за злоупотреби со тендерите во РЕК „Битола”, ја напушти Македонија. Лицето за кое претходно постоеја мерки за обезбедување на неговото присуство во кривичната постапка, преку ноќ престана да претставува опасност од бегство. Денес, наместо пред судските органи, Марковски е недостапен за државата која самата му ја овозможи можноста да замине.

Најголемиот апсурд е што Марковски не избега спротивно на институционалните мерки, туку откако тие беа ублажени. Пасошот не му беше вратен затоа што престанала опасноста од бегство, туку поради прифатена имотна гаранција. Судот сè уште не објасни врз основа на кои конкретни законски одредби оценил дека имотната гаранција е доволна причина да се укине мерката за одземање на патната исправа. По секоја правна логика, ако постои ризик обвинет да стане недостапен, мерките треба да се зајакнуваат, а не да се ублажуваат.

Особено загрижува што позитивно мислење за враќањето на пасошот дало Вишото јавно обвинителство во Битола, со кое раководи Пецо Везироски. Станува збор за истиот виш јавен обвинител против кого пратеничката Јована Мојсоска веќе поднесе претставка до Советот на јавните обвинители поради неговото НЕпостапување во предметот со дивоградбата во Струга, кога наместо да го санкционира незаконитото постапување на ОЈО Струга, застана во негова одбрана. Денес, повторно неговото обвинителство дава позитивно мислење во корист на обвинет кој само неколку дена подоцна ја напушта државата. Таквата низа на постапувања отвора сериозно прашање дали Вишото јавно обвинителство ја исполнува својата законска функција или повторно обезбедува институционално покритие за привилегираните.

Дополнително загрижува и образложението на претседателот на Основниот суд во Струга, Вулнет Винца, дека имотната гаранција и мерката за одземање на пасошот не можеле истовремено да опстојат. Ако тоа е навистина правниот став на Судот, тогаш се поставува прашањето зошто лице за кое претходно постоела опасност од бегство одеднаш повеќе не претставува таков ризик само затоа што е положена гаранција. Имотот може да биде предмет на извршување, но не може да биде замена за физичко присуство на обвинетиот во кривичната постапка.

Во овој случај не може да се занемари ниту одговорноста на Министерството за внатрешни работи. Независно од тоа кога е утврдено дека Марковски ја напуштил државата, останува фактот дека уште едно лице против кое се води кривична постапка стана недостапно за органите на прогонот. По интерпелацијата што Мојсоска ја поднесе против министерот Панче Тошковски поради серијата институционални пропусти во работењето на МВР, овој случај претставува уште една потврда дека институциите повторно реагираат дури откако последиците веќе настанале.

Затоа Левица бара Министерството за внатрешни работи веднаш да соопшти кога и преку кој граничен премин Борче Марковски ја напуштил државата, како и дали МВР располагало со какви било сознанија во врска со неговото заминување. Истовремено, Судот мора јавно да соопшти кој судија ја донел одлуката за враќање на пасошот и да го објави целосното образложение врз кое се темели таа одлука. Советот на јавните обвинители, пак, мора конечно да постапи по претставката што Левица ја поднесе против Пецо Везироски, додека Судскиот совет треба да отвори постапка за утврдување на одговорност доколку се констатира дека судската одлука е донесена спротивно на законските критериуми.

Селективната правда започнува многу порано од евентуалното бегство на обвинетиот – таа започнува кога институциите ќе почнат различно да го применуваат законот во зависност од тоа кој се наоѓа пред нив и колкава политичка и економска моќ поседува.

Можете да прочитате

Герасимовски: Да ги вратиме дебатите во партиските простори, СДСМ мора да се обедини и да се врати на терен

Македонија загуби грант од ИПА фондовите за железницата

Турски државјанин и уште едно лице осомничени за даночно затајување од 12,6 милиони денари