Интегрален текст од соопштение за јавност на Левица:
Иако Законот за Советот на јавните обвинители на РМ предвидува децидна забрана за членување во политичка партија на членовите на Советот – коалицијата ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ со одлучна дрскост, сепак реши за член на Советот на ЈО да го смести Адриан Демири којшто е истакнат сопартиец на вицепремиерот Изет Меџити и често портпарол на коалицијата ВРЕДИ.
Наместо универзитетски професори, поранешни судии на Уставниот суд, меѓународни судии, истакнати правници како што наложува Законот – владејачката гарнитура која ветуваше реформи во правосудниот систем, одлучи да продолжи по теркот на СДС и ДУИ, па како ‘гарант’ за правда, инсистира на Демири со просек 6,97 на додипломските студии. Неговата биографија и прилози не содржат никаква надеж дека довербата од 2% воопшто би се покачила.
Имено, Ардиан Демири личната биографија ја започнува со функциите и позициите на неговиот покоен татко, а на една страна од вкупно три, објаснува за статусот на неговото семејство. На втората страна објаснува за неговото вработување во Општина Струга уште за време на неговите средношколски денови и позициите во Општината обезбедни од страна на градоначалникот Рамиз Мерко. На третата страна како доказ за неговата истакнатост, наведува шест гостувања на Алсат ТВ.
Демири неговата проактивност и стручност ја докажува и со дури пет приложени сертификати, и тоа за: Подготовка за полагање на правосуден испит; Учество на обука за стратешко планирање за општините; Учество на обука за правда прилагодена за децата; Семинар за набљудување на судските процеси; Семинар за договорите за финансиски лизинг.
Од јавно достапните информации, а согласно доставената документација како кандидат, евидентно е дека предлогот на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ за член на Советот на ЈО, Адриан Демири, запишал, но не ги завршил постдипломските студии од областа на граѓанското право.
Според јавните објави на Демири на социјалните мрежи, може да се заклучи дека врв на неговата правничка кариера е успехот да го ослободи од казна затвор албанскиот играорец кој на Велигден постави големо албанско знаме на Самоиловата тврдина во Охрид изјавувајќи дека Охрид е албански град.
Македонските граѓани повеќе од три децении се ускратени од правда и правна сигурност од некомпетентен и корумпиран правосуден систем во распад со 2% доверба. Бизнис елитите на криминалните политички партии ДПМНЕ, СДС, ДУИ и нивните деривати, со секое доаѓање на власт, брзаат со поставување на свои партиски послушници на чело на правосудните тела, а со цел обезбедување на комоција во криминалното владеење и зацврствуање на сопствената моќ.
Овој предлог доаѓа во време на најавите на власта дека започнува чистка на обвинителите и судиите блиски до претходната власт, со што јасно се обелоденува вистинската намера на новите властодршци – узурпација преку поставување на сопствени кадри избрани во партиските штабови, далеку од предизборното ветување за борба со криминалот и решавање на овој горлив проблем на македонското општество.