
Интегрален текст од соопштение за јавност на Левица:
Левица ја одржа 28-та редовна сесија на Централниот комитет на која беа донесени стратешки одлуки во пресрет на претстојните Локални избори 2025. Сесијата започна со едноминутен молк за жртвите во трагедијата во Кочани.
Во духот на демократскиот централизам и борбеноста, оваа сесија ја зацврсти позицијата на Левица како единствена автентична и непоколеблива опозициска сила во државата.
На сесијата на ЦК едногласно беше верификуван актуелниот пратеник м-р Сашко Јанчев како нов член на Президиумот на Левица. Во своето обраќање, Јанчев истакна дека народот е алергичен на корумпираните политички елити кои со децении ја злоупотребуваат државата за лични криминални интереси. Властите пробаа сѐ за да ја подјармат Левица – со притисоци, спинови и пари, но не успеаја! Токму тоа, нивниот неуспех да ја направат Левица како нив, е она што најмногу ги плаши.
Централниот комитет усвои политичка рамка за дејствување во наредниот период, со фокус на есенските Локални избори, како фронт за жестока пресметка со режимскиот апарат. Во услови на постојана репресија, изборен инженеринг и клиентелистички октопод кој го гуши секој обид за народна еманципација – Левица ќе настапи бескомпромисно, чесно и организирано, како глас на обесправените и бастион на некорумпираноста.
Времето на калкуланти, опуртинисти, предавници и квазиопозиционери заврши. Борбата продолжува – на улиците, во институциите и на изборните полиња. Со народот, за народот!