
Соопштение на Левица:
Левица најостро реагира на скандалозното и неодговорно однесување на вицепремиерот Арбен Фетаи, кој со месеци не се појавува на работното место, не присуствува на владините седници, не одговара пред Собранието, а притоа продолжува да ја користи функцијата и бенефитите што ги плаќаат граѓаните на Македонија.
Додека Владата на Мицкоски секојдневно им порачува на граѓаните дека „нема пари” за повисоки плати, помош за ученици, здравство и социјални мерки, истата таа Влада дозволува функционер кој не доаѓа на работа да продолжи да зема плата, дневници и да патува на егзотични дестинации.
Ова е класичен пример на расипничко и неодговорно владеење, каде државните функции се третираат како приватна сопственост, а буџетот како партиски плен. Скандалозно е што премиерот Христијан Мицкоски со недели молчи и не презема никаква одговорност, иако јавно беше потврдено дека Фетаи не доаѓа на работа и самиот не се гледа повеќе како дел од Владата.
Левица јавно прашува:
– Колку народни пари се исплатени за плати, патни трошоци и привилегии на функционер “за добро владеење” кој не ја извршува функцијата?
– Дали Владата ќе иницира постапка за утврдување одговорност за несовесно и ненаменско трошење државни средства?
Бараме итно разрешување на вицепремиерот Арбен Фетаи и отворање постапка за проверка на сите исплати и трошоци направени за време на неговото отсуство.
Дополнително, овој случај уште еднаш ја потврдува суштината на оваа власт – ароганција, неодговорност и расипничко трошење на народните пари, додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај.



