
Соопштение за јавност на Левица:
Кога некој ќе фрли догорче, ќе запали стрниште или намерно ќе подметне пожар, треба да се бара истрага, санкција и одговорност. Но, што кога пожарот не го предизвикал подметнувач, туку електричен вод? Истиот принцип мора да важи и кога огнот тргнува од електроенергетската инфраструктура.
Пожарот кај Рамни Габер во Студеничани го отвора ова прашање. Според првичните информации изнесени од надлежните, пожарот бил предизвикан од искра од кабел на дистрибутивната мрежа. Доколку се потврди, тогаш истрагата не смее да заврши со утврдување на причината. Мора да се понесе и одговорност, бидејќи пожарот можел да биде спречен и воопшто да не се случи.
Мрежните правила наложуваат операторот да има организирано одржување на системот, а за надземните водови изречно предвидуваат прегледи, контроли, испитувања и ревизии, како и поправки, отстранување недостатоци и отклонување дефекти. Меѓудругото, на граѓаните и тоа им се фактурира. Значи, каблите не се оставаат да висат над Македонија, туку нивната состојба треба да се следи и ризиците да се отстрануваат пред искрата да стане пожар.
Особено во лето, кога високите температури влијаат врз провисот на надземните проводници, контролата на критичните распони, растојанијата, вегетацијата и механичката состојба на мрежата е основна превенција.
ЕВН е дел од австриска енергетска групација со седиште во Австрија. Во Македонија со години работи во ултрапривилегирана положба на дистрибутивниот пазар, а граѓаните многу добро ја знаат нејзината ефикасност од аспект на коректноста, кога треба да се наплати долг, да се пресмета камата, да се исклучи корисник и слично.
Редно е да ја видиме истата ефикасност и кога треба да се отвори нивното досие за одржување.
Не може државата и органите на прогон да се помрднат само при можност за подметнат пожар, а за моќен енергетски субјект иста таква искра да биде заведена како временска неприлика и сите да си одат дома.
Левица бара за секој пожар за кој постојат индиции дека потекнува од електродистрибутивната мрежа да биде предмет на темелна техничка и правна истрага, да се утврдат точниот вод, сопственоста, техничката состојба, датумите и записниците од последните контроли, пријавените дефекти и преземените интервенции. Ако се утврди дека пожар настанал поради пропуштено одржување, ненавремено отстранет дефект или друг пропуст – мора да се испита и кривичната и материјалната одговорност.
ЕВН не смее да биде над законите! Доста е со третманот на недопирливост. Кој наплаќа за мрежата – мора да одговара и за мрежата. Кој го зема профитот – мора да го сноси и ризикот.



