Левица ќе поднесе иницијатива за интерпелација на претседателот на Собранието Африм Гаши, најавија денес преку соопштение до медиумите од оваа политичка партија.
Повод е инцидентот што се случи со претседателката на Косово, Вјоса Османи, на Меѓународниот Аеродром Скопје кој, според Левица, го отсликува системското непочитување на институциите и законите, првично од страна на самиот спикер Африм Гаши, кој нема никаква надлежност да реагира во конкретниот случај.
„Реакцијата на неговото обезбедување, надвор од своите овластувања, де факто го попречило нормалното функционирање на безбедносните процедури“, сметаат од Левица.
Од таму посочуваат дека „иако е јасно дека се работи за скандалозно пречекорување на овластувањата, каде се подриваат македонските институции за да се заштити функционер од друга држава – три дена нема никаква најава за одговорност од страна на власта, освен неколку паушални и дипломатски соопштенија“.
Левица посочува дека слуичен инцидент Османи предизвикала и со авиокомпаниите „Туркиш ерлајнс“ и „Аустријан ерлајнс“, при што компаниите не дозволиле авионите да полетаат сѐ додека не се испочитуваат меѓународните воздухопловни стандарди за цивилен соообраќај (и покрај инсистирањето на нејзиното обезбедување).
„Очекуваме на најавената средба Мицкоски – Курти, премиерот на македонската влада да застане во одбрана на македонските институции и јасно да го осуди ваквото скандалозно однесување на претседателката на Косово“, велат од Левица.
После скандалот со молитвата во Собранието и инцидентот на скопскиот аеродром, Левица е децидна дека Африм Гаши повеќе нема интегритет да ја врши функцијата претседател на Собранието и поради тоа ќе поднесе интерпелација за негово разрешување, соопштија од оваа партија.