
Соопштение на Левица:
Стефан Синадиновски, поранешен претседател на Унијата на млади сили (УМС) на ДПМНЕ во Аеродром, бивш советник во општина Аеродром, а сега “ухлебан” во Царинската управа се најде на платниот списокот на Државна лотарија за донации и спонзорства и тоа, ни помалку ни повеќе, туку со 45.000 евра народни пари?
Имено, фирмата „Мобилен Бар”, која е во сопственост на друштвото „Ивент Сервис” заедно со здружението „Посветен викенд” инкасирале над 2.7 милиони денари (околу 45.000 евра) државни пари како донации од Лотарија на Македонија. И двата субјекта се наоѓаат на иста адреса, а се поврзани со исти лица.
Од она што успеавме да пронајдеме за овие пари здружението „Посветен викенд”, формирано во 2024 година, реализирало чистење на паркот Авионче во Аеродром на крајот на март и организирало Фемили деј во паркот Шопен во Кисела вода. Дали чистење ѓубре и гледање фудбал кошта 45.000 евра?
По кои критериуми токму овие фирми заслужија 45.000 евра од Лотарија? Каков проект од „јавен интерес” понуди поранешниот претседател на УМС Аеродром за да се исплатат овие суми?
Левица прашува дали парите во Државната Лотарија се пари на граѓаните, или личен фонд за наградување на поранешни советници и партиски послушници од Аеродром.

