
Лекари без граници (МСФ) денеска предупредија на зголемен број случаи на колера во Судан, земја зафатена од војна, и соопштија дека нивните тимови третирале стотици пациенти во регионот на главниот град Картум.
Џојс Бејкер, координаторка на организацијата Лекари без граници за Судан, рече дека алармантниот пораст на бројот на случаи на колера почнал во средината на мај, а епицентарот бил збратимениот град на Картум, Омдурман.
Таа изјави дека тимовите на МСФ само во изминатата недела третирале речиси 2.000 случаи на колера. Нема официјални податоци за смртни случаи во оваа најнова епидемија, иако еден хуманитарен работник во понеделникот соопшти дека му било кажано дека 12 луѓе починале од колера.
МСФ во март соопшти дека 92 лица починале од колера во суданската држава Бел Нил, каде 2.700 луѓе заболеле од болеста од крајот на февруари.
Во Судан војната трае веќе две години и оттогаш оваа африканска нација е зафатена од она што ОН го нарекуваат најголема хуманитарна криза во светот. Повеќе од 14 милиони луѓе се раселени и принудени да ги напуштат своите домови, а епидемиите на болести, гладот и злосторствата се засилија додека земјата влезе во третата година од војната.
Суданскиот министер за здравство Хајтам Ибрахим во саботата изјави дека неодамнешното зголемување на бројот на случаи на колера се проценува во просек на 600 до 700 неделно во текот на изминатиот месец. Тој го припиша порастот на бројот на заболени на враќањето на многу Суданци кои избегале од своите домови за да ги избегнат борбите во Картум. Нивното враќање ги оптовари намалените водни ресурси на градот, рече тој.
Моханад Елбалал, ко-основач на хуманитарната организација „Khartoum Aid Kitchen“ вчера рече дека 12 луѓе починале од колера во Омдурман, вклучувајќи роднина на еден од вработените во неговата кујна.
Бејкер денеска рече дека центрите за лекување на групата во Омдурман се преоптоварени и дека „сцените се вознемирувачки“.
„Многу пациенти пристигнуваат предоцна за да бидат спасени“, рече таа. „Не ги знаеме вистинските размери на епидемијата, а нашите тимови можат да видат само дел од целата слика.“ Таа повика на единствен одговор, вклучувајќи програми за вода, санитација и хигиена и изградба на повеќе постројки за прочистување