Утрински Весник
Македонија

ЛДП: Не гласавме за изборот на Мери Дика за уставен судија — владеачките партии покажаа врвно политичко лицемерие!

Ustaven sud.jpg

Соопштение за јавност на ЛДП;

Либерално-демократската партија (ЛДП) ја известува јавноста дека не даде поддршка и не гласаше за изборот на Мери Дика Георгиевска за нов судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија. За ЛДП е апсолутно неприфатливо и скандалозно што владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, со 64 гласа „За”, за највисоката правна функција во државата избра судијка чие име во јавноста директно се врзува за скандалот „Рекет”, кумства и контроверзни сведочења за шопинг-патувања во Милано.

Со овој чин, ВМРО-ДПМНЕ покажа невиден степен на политичка хипокризија. Партијата која во опозиција минатите години ја изгради целата своја платформа врз критиката за случајот „Рекет” и ветуваше раскрстување со заробеното судство, денеска на власт ги наградува истите актери од тие естрадно-судски афери со комотни фотелји во Уставниот суд.

Во интервјуто за ТВ Канал 5 оваа недела претседателката на ЛДП укажа токму на оваа разорна демогогија: „Знаете што е најстрашно во политиката? Кога за некогашните грешки ќе ги критикувате претходните, ќе дојдете на власт и не само што ги правите истите грешки, туку ги правите уште поголеми!”

ЛДП прашува јавно „Тоа ли е реформата во судството? Тоа ли е борбата против корупцијата? Тоа ли е шампионската Реформска агенда?”

ЛДП јасно порачува дека Уставниот суд мора да биде тврдина на интегритетот, составен од врвни правни авторитети со неиспраскан личен и професионален кредибилитет, а не депонија за задкулисни партиски пазари. Прашањата за правдата и реформите не смеат да служат само како евтини маркетинг-пароли во опозиција кои се забораваат во моментот кога ќе се освои власта, бидејќи со ваквиот партиски упад директно се руши достоинството на институциите и довербата на граѓаните во правниот поредок.

ЛДП останува бескомпромисно на страната на граѓаните и принципиелната борба против селективната правда, без разлика кој е на власт. Нема да молчиме пред политичките трговци кои свесно ја убиваат довербата во правосудството!

Можете да прочитате

Двајца пациенти со западнонилска треска во критична состојба, за уште тројца се чекаат резултати

Наместо да одговара, Мицкоски го награди Фетаи со нова функција, велат од СДСМ

Велешанец возел со 2,20 промили алкохол во крвта