Утрински Весник
Македонија

Лазаревска: Прекинат е растот на платите во образованието, се нудат срамни 0,7% усогласување

Zhaklina Lazarevska Pres.jpeg

Интегрален текст од прес-конференција, Жаклина Лазаревска, членка на Комисијата за образование и наука на СДСМ

По само 100 дена, новата Влада предводена од Христијан Мицкоски и коалицијата покажа дека образованието не им е приоритет. ВМРО ДПМНЕ не само што не ги исполни ветувањата за поголеми плати туку и ги урна и надежите за развој на образованието. Наместо конкретни мерки, сведоци сме на скратување на постојните.

Дури ниту Мицкоски во обраќањето по повод 100-те дена не спомена конкретни мерки за развој на образованието. Единствената мерка што ја спомена беше набавката на учебниците, но намерно не кажа дека ресорното министерство започна со набавка и докомплетирање на учебниците уште од почеток на 2024 година, со што се овозможи печатењето на учебниците да се случи уште во мај 2024 година, односно пред конституирање на новата влада.

Ја прекинаа планираната низа на раст на платите и донесоа одлука за дегарадирачко, срамно усогласување од само 0,7%, што е минимални 200-300 денари.

Толку ли за ВМРО-ДПМНЕ вредат наставниците?

Од овој септември, платите на наставниците требаше да се зголемат за 12%, односно дополнителни 4.300 денари. Ова зголемување беше дел од новиот колективен договор за основно и средно образование. Но, благодарение на неспособноста на министерката Весна Јаневска, наставниците сега губат повеќе од 4.000 денари секој месец.

ВМРО ДПМНЕ лаже дека нема пари за повисоки плати, бидејќи средствата беа проектирани во буџетот на Министерството за образование за 2024 година. Но, со ребалансот, ВМРО ДПМНЕ одлучи да ги прераспредели парите за свои приоритети, што резултираше со кратење на средствата за инвестиции во образованието, подобрување на инфраструктурата, програми за децата од социјално ранливите категории.

Ова е уште една од низата лаги на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи во нивната програма стои раст на плати и подобрување на инфраструктурата. Но, затоа има пари за зголемување на платите на директорите на училиштата за 40-50%.
ВМРО-ДПМНЕ ја прекинува спирата на раст на плати во образованието што Владата на СДСМ ја започна и ја спроведуваше со долгорочен план.

Така, обезбедивме наставниците во основно образование денеска да имаат плата од 33,646 денари + минат труд за разлика од 2016 та кога имаа 21.100 денари, а во средното образование платите на професорите се 35.200 денари + минат труд за разлика од 2016та кога беше 21.950 денари.

Во овие 100 дена, ВМРО ДПМНЕ покажа дека е ненародна власт, која не работи во интерес на квалитетното образование и наставниот кадар.

Нема нови мерки за студентите, туку во нивни стил ВМРО излажа дека започнуваат со реновирање на 9-те студентски домови во државата, нешто што беше започнато уште пред две години од Владата на СДСМ.

Нашите просветни работници заслужуваат почит и поддршка од секоја влада. Образованието не е само буџетска ставка, туку инвестиција во нашата иднина, и затоа мора да биде приоритет. Како конструктивна опозиција, силно ќе се спротиставиме на политиките на оваа влада, која свесно сака да го маргинализира овој важен сектор.

Можете да прочитате

Акција на МВР и УЈП во Тетово: Одземени ЦД-а

СДСМ: Николовски не знае каде тера нема ниту еден нов започнат проект во овие 100 дена

Таравари со сочувство до семејствата на загинатите лекари во Прилеп