Утрински Весник
Свет

Лавров: САД е во голема заблуда ако мисли дека нема да страдаат од нова светска војна

Lavrov.jpg

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден е во голема заблуда ако мисли дека САД нема да страдаат од нова светска војна, туку само нивните европски сојузници, изјави претседателот на Советот за безбедност на ОН, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Координаторот за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби, во име на претседателот на Соединетите Американски Држави, вели: Ние не сакаме трета светска војна. Тоа би имало страшни последици за европскиот континент – фројдовски промаз. Во Вашингтон се сигурни дека од нова глобална војна нема да страда Америка, туку нејзините сојузници во Европа. Ако администрацијата на Бајден изгради стратегија врз основа на таква анализа, тоа е крајно опасна грешка“, посочи Лавров, говорејќи на министерскиот состанок на тема „Мултилатерална соработка во интерес на создавање поправеден, подемократски и одржлив светски поредок“.

Тој истакна дека Европејците, се разбира, мора да сфатат дека им е доделена самоубиствена улога.

Според министерот, САД, кои го подигнаа целиот колективен Запад „под оружје“, ја продолжуваат трговската и економската војна со непожелните, „иницирајќи невидена кампања на еднострани принудни мерки кои како бумеранг се враќаат низ Европа и водат кон понатамошни фрагментација на светската економија“.

„Земјите од глобалниот југ во Азија, Африка и Латинска Америка страдаат од неоколонијалните практики на западните земји. Незаконските санкции, бројните протекционистички мерки, ограничувањата на пристапот до напредните технологии директно противречат на вистинскиот мултилатерализам и создаваат сериозни пречки за постигнување на целите на развојната агенда на ОН“, додаде шефот на руското Министерство за надворешни работи, пренесува Спутник.

Лавров посочи дека геополитиката „ги закопа законите на пазарот кои некогаш беа свети за Западот“.

„Неодамна слушнавме отворени барања од претставници на САД и ЕУ, Кина да го намали „прекумерното производство“ во високотехнолошките индустрии, бидејќи Западот и таму почна да ја губи својата повеќегодишна предност“, нагласи министерот.

Можете да прочитате

Ново разрешување од функција на висок претставник во кинеската армија поради истрага за „сериозно кршење дисциплина“

Американска база од 1959 година забележана под 30 метри мраз на Гренланд

Истражување: Загадувањето на воздухот од пожари е поврзано со 1,5 милиони смртни случаи годишно