Утрински Весник
Култура

Лауреатот Влада Урошевиќ засади дрво во Паркот на поезијата

Лауреатот Влада Урошевиќ засади дрво во Паркот на поезијата

Со традиционалното садење дрво во Паркот на поезијата неофицијално се означи почетокот на Струшките вечери на поезијата. Во паркот дрво засади годинешниот лауреат, добитник на „Златен венец“ за 2023 година, македонскиот поет Влада Урошевиќ.

dobivaj vesti na viber

„На ова место, не толку големо по површина, колку по суштина, се вишнеат дрвјата засадени од некои од најзначајните поети на 20 век: Адонис, Ајги, Вознесенски, Сенегор, Фатос Арапи, Ив Бонфoа, Ален Гинзберг, Махмуд Дарвиш, Маргарет Атвуд, Нанси Морехон, Десанка Максимовиќ итн. Гранките на тие дрвја остануваат симболично продолжение на нивните гласови, на нивните стихови прочитани, токму тука во Струга.

Денеска, со посебна чест, се радуваме дека меѓу овие фиданки ќе биде засадено, ќе расне и ќе се вишнее и дрвото што ќе го засади нашиот годинашен лауреат, човекот кој и самиот е вграден во Струшките вечери на поезијата, од нивните почетоци пред шест децении, Влада Урошевиќ“, рече модераторката Александра Јуруковска.

Годинешниот лауреат, во присуство на македонските и странските поети, изјави задоволство што ја има честа и неговото дрво да се најде во леата со светските поетски великани.

„Струга има свој мост, дом и парк на поезијата. Прекрасна е идејата секој поет што ќе го добие ‘Златниот венец’ да засади дрво. Еден ден овде ќе имаме и шума. Еден ден кога нас ќе нè нема, ова дрво ќе продолжи да расте и да се развива“, рече Урошевиќ.

Свеченото отворање на 62. издание на фестивалот ќе биде вечерва, со почеток во 20 часот, на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
На Струшките вечери на поезијата најавено е присуство на речиси 25 поети од странство и 40-ина од државата.

Фестивалот, кој ќе трае до 28 август, се одржува со мотото „Чувствотворен јазик“.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“