
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија и кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, вечерва свечено го отворија изборниот штаб кај Рекорд, со порака за промени и нов почеток за главниот град.
На отворањето зборуваа и носителот на советничката листа за Центар, Крумислав Барзов – Мишко, како и носителот на градската листа на ЗНАМ, генерал Горанчо Котевски, кои ја нагласија поддршката за кандидатурата на Лабудовиќ и новата енергија што ја носи движењето.
Лабудовиќ остро го критикуваше актуелниот градоначалник, оценувајќи дека Центар денес е економски, сообраќајно и безбедносно уништен.
– „Сè што тој е, јас нема да бидам. Јас не се кандидирам за актер, туку за градоначалник. Центар му е потребен домаќин, а не актер,“ истакна Лабудовиќ, додавајќи дека тој и неговиот тим ќе работат чесно, одговорно и во интерес на граѓаните.
Кандидатот најави решавање на проблемите уште од првиот ден, ветувајќи дека граѓаните ќе почувствуваат промени уште во првата година, а во рок од четири години Центар ќе стане модерна и организирана општина со ред, функционален сообраќаен план и зголемена безбедност за сите жители.