Утрински Весник
Економија

Кујната на пензиите – 24info.mk

Viber image 2025.jpg

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Замислете една голема кујна, каде што секој пензионер треба да добие свој оброк. Во таа кујна постојат два вида состојки: сопствени и државни. Сопствените состојки секој работник ги донел со години – брашно, масло, овошје… Тие се лични и секој има право да добие дел од својот оброк според она што го донел. Државните состојки, пак, се додадени од државата кога кујната не може сама да го обезбеди целиот оброк. Тие се за сите еднакво, не се лични и не можат да заменат она што си го донел сам.

Проблемот се јавува кога кујнарот почнува да меша сите состојки како да се исти. Сопствените состојки се изедначуваат со државните, а оброкот веќе не го одразува трудот и придонесот на секого. Некои добиваат повеќе, други помалку, а никој точно не знае од што се направени нивните порции.

Има уште една работа која ја знаат сите кои стапнале во оваа кујна: кога храната е за сите, многу луѓе мислат дека можат да земат малку повеќе за себе и за семејството. Никој не брои кој колку земал и од кое потекло е секоја состојка. Токму ова создава хаос – некој е сит, некој гладен, а кујната изгледа како да владее анархија, иако сите мислат дека се фер.

За да се разбере што точно се случува во кујната, треба да ги дефинираме „состојките” и „кујнарите”. Личните состојки се средствата што секој работник ги уплатил преку својот придонес за пензиско и инвалидско осигурување. Тие се наменски и го определуваат обемот на правото на пензија. Државните состојки се дополнителни средства кои државата ги додава кога фондот е во дефицит. Тие се општи, не се лично стекнати и припаѓаат на сите граѓани. Во кујната, тие треба да се делат еднакво, како дополнителна помош за да никој не остане со празна чинија.

Кујнарите во оваа голема кујна се оние кои одлучуваат за поделбата. Фондот за ПИОМ ја управува кујната, го „готви” оброкот и ја пресметува пензијата. Понекогаш власта или Министерството за финансии додава државни состојки кога фондот е во дефицит. Проблемот се јавува кога овие средства се мешаат со личните и се третираат како еднакви, што ја нарушува фер поделбата.

Кога изворите се мешаат, оброкот веќе не е етички распореден. Оние кои тоа го спроведуваат понекогаш го прават на мала врата, со свој интерес и со идејата дека ќе задоволат нечија ситна желба, наместо да се водат од фер и транспарентни правила. Таквата мешавина не служи на граѓаните, ниту на правото и правичноста, туку повеќе им помага на оние кои го контролираат шпоретот да покажат дека „кујната работи”, додека вистинските правила остануваат скриени зад капаците на садовите. Во ваква кујна, секој оброк носи вкус на популизам и недореченост, наместо вкус на заслужена фер поделба.

Важно е јасно да се напомене дека пензискиот систем во Македонија почива на три столба. Вториот и третиот столб функционираат како фондовски, каде што средствата се собираат и инвестираат индивидуално за секој осигуреник. Но првиот столб, кој е најголемиот и од кој во моментов се исплаќаат пензиите, не е фонд. Тој е сервис за прераспределба и транзит на средствата собрани преку генерациска солидарност, наменети исклучиво за исплата на тековни пензии за актуелните пензионери. Ова значи дека исплатата не зависи од „фондовско работење” или акумулирани средства, туку од тоа колку пари се собрани во моментот и колку се префрлени од буџетот за покривање на дефицитот. Да не се живее во заблуда – првиот столб е механизам за прераспределба, а не инвестиционен фонд.

Иако темата е обработена преку алегорија, ова сепак е повик за сериозен пристап кон решавањето и исправката на констатираните недоследности. Не се работи само за сегашните пензионери, туку и за идните, кои нема да впловат во непознати и немирни води без прецизни законски решенија. Со други зборови, без свој компас кој ќе ги води кон фер и предвидлива поделба на она што им следува, сите би останале на милост и немилост на случајни одлуки.

Можете да прочитате

Зголемени откупот и продажбата на земјоделски производи

ССМ пред Владата: Или 600 евра минимална плата или генерален штрајк

СДСМ: Нема пари за 600 евра плата, има за луксузирање на Мицкоски со владин авион