„Кртови“ ќе се појавуваат уште некое време, се додека имаме рецитиви од седумгодишното владеење на претходната Влада и коалиција. Тие „кртови“ ќе бидат пронајдени и извадени од дупките во кои што се кријат и како глувци ќе одговараат, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски за последните акции на полицијата, но и „пробивањето“ од страна на лица кои се блиски до круговите во МВР.
На настан за пуштање на целосно реновираниот прв кат на Клиниката за психијатрија, Мицкоски изјави дека се надева дека зборовите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за поранешниот вицепремиер Артан Груби допираат до Обвинителството.
-Ако имаме личност која знае каде се наоѓа бегалец од законот, се надевам дека (ОЈО) ќе ја повика таа личност и таа ќе одговори каде се наоѓа бегалецот. На секој во државата му е јасно како се поставуваа обвинители и судии во изминатите седум години. Сега истите тие велат дека некому правдата му била оневозможена и ова било политички прогон. Нема ништо лошо во тоа да кажеш дали си во право или не, а обвинителите и судиите да одлучуваат што и како е. Ние не се мешаме, рече премиерот во изјава за медиумите.