
Хрватска се соочува со сериозен недостиг на гориво, кој веќе почна да предизвикува затворање на бензински станици низ земјата. Најтешка е состојбата во помалите населени места, каде граѓаните остануваат без пристап до основните енергетски ресурси.
Во местото Удбина, една бензинска станица веќе е затворена, со диспензерите обвиткани во пластика, додека другата, во сопственост на ИНА, работи со скратено работно време – само до 13 часот.
Жителите се соочуваат со сериозни проблеми, бидејќи најблиските активни пумпи се наоѓаат на десетици километри оддалеченост. Ова создава дополнителен притисок врз секојдневниот живот и транспортот.
„Не е добро, најблиската пумпа ни е во Грачац. Тешко е, навистина тешко, точиме каде што ќе стигнеме“, велат загрижените граѓани за хрватските медиуми.
Од компанијата ИНА информираат дека внимателно ја следат состојбата, но засега не планираат продолжување на работното време на бензинските станици, што дополнително ја зголемува неизвесноста и стравот кај возачите.

