
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против В.К во својство на поранешен Извршен директор на Сектор за Воздухопловна Техника во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје поради основи на сомнение за сторено кривично дело ,, Злоупотреба на службена положба и овластување член 353 став 2 од Кривичниот законик и против Б. А. во својство на в.д. Раководител на одделение за јавни набавки во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје поради основи на сомнение за сторено кривично дело ,, Несовесно работење во службата член 353-в став 2 од Кривичниот законик.
Првопријавениот В. К. ја злоупотребил службената положба и овластување на начин што извршил спојување на две сосема различни неспоиви јавни набавки во една, и тоа набавка за изработка на целосно оперативно решение за управување со документи, односно набавка на софтверско решение, со набавка на физичко и електронско архивирање на документи, и искористувајќи ја својата службена положба, во текот на 2022 година, спротивно на член 89 од Законот за јавни набавки, изработил технички спецификации и тендерска документација со дискриминирачки и несразмерни услови за квалитативен избор за Јавна набавка за обезбедување и имплементација на целосно оперативно решение за управување со документи со број на оглас 12253/2022, во кои вметнал услови и критериуми кои доминантно се однесуваат на физичко архивирање на документите и немаат никаква врска со изработка на целосно оперативно решение за управување со документи односно набавка на софтверско решение, што е спротивно на начелото на сразмерност од член 8 и начелото на конкуренција од член 5 од Законот за јавната набавка.
Второпријавената Б. А. како единствено лице кое поседува овластување за водење постапки за јавни набавки, со пропуштање на должен надзор, несовесно постапувала во вршење на своите овластувања и должности на начин што иако била свесна дека така подготвената тендерска документација и техничка спецификација е изготвена спротивно на Законот за јавни набавки, ја објавила на електронскиот системот за јавни набавки со што овозможила спроведување на истата.
Со така дефинираните дискриминирачки и несразмерни критериуми за квалитативен избор, намалувајќи ја конкуренцијата, пријавените го оштетиле Буџетот на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје за износ од 1.493.433,00 денари, за кој износ му овозможиле да оствари корист на правното лице Друштво за скенирање, обработка и складирање на документи Контего ДОО Скопје, со кое е склучен договор.