
Полицијата на Нов Зеланд потврди дека е пронајден дијамантски приврзок вреден речиси 33.500 новозеландски долари, што беше проголтан од 32-годишниот маж во обид на кражба. Скапоценото јајце „Фаберже“ е извадено по природен пат, без потребна медицинска интервенција.
Инцидентот се случил пред околу една недела во продавницата за накит „Партриџ џуелерес“ (Partridge Jewellers) во центарот на Окланд. Полицијата го фати човекот само неколку минути откако, како што се верува, тој го проголтал скапоцениот предмет за да го сокрие.
Украдениот приврзок, проценет за 33.585 новозеландски долари или (околу 19.300 американски долари) украсен е со 60 бели дијаманти и 15 сини сафири. Според описот од продавачката, јајцето се отвора и открива миниатурен октопод изработен од 18 каратно злато. Приврзокот е наречен „Octopussy“ по истоимениот филм од Џејм Бонд од 1983 година.
По апсењето, човекот бил под постојан лекарски и полициски надзор. „Со оглед на случувањата и земајќи предвид дека човекот е во притвор имаме обврска да продолжиме да го следиме“, соопшти полицијата претходната недела.
Осудениот, кој пред судот треба да се појави повторно на 8 декември, се соочува со обвинение за кражба. Но, според судските записи, се обвинува и за кражба на „Ајпод“ од истата продавница на 12 ноември, како и за кражба на песок за мачки и средства против бубачки од приватен имот, ден подоцна.
Од „Партриџ џуелерес“ известија дека приврзокот ќе биде вратен на произведувачот, светски познатата куќа „Фаберже“. Фаберже е руска куќа за накит основана пред повеќе од два века, најпозната по своите украсни јајца направени од драгоцени камења и благородни метали.


