Претседателот на Владата Димитар Ковачевски утрово имаше телефонски разговор со специјалниот пратеник на Сојузната Влада на Германија за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин.
Премиерот и специјалниот пратеник разговараа за предизвиците што ги наметна енергетската и економската криза, како и за чекорите кои ги презема Владата со антикризните мерки за да им олесни на граѓаните и стопанството да ги надминат. Дополнително разговарани беа и позитивните политики со кои Владата успеа да обезбеди домашно производство на струја, како за стопанството, така и за граѓаните.
Премиерот ги потенцираше заложбите на Владата, за полноправното членство на Северна Македонија во Европската Унија, што е и стратешка цел на земјата, која македонското Собрание ја реафирмираше во 2001 година со донесување на Законот за ратификација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, со што започнаа формалните односи со ЕУ.
Ковачевски и Сарацин разговараа за процесот на скринингот што започна на 15 септември 2022 година, а се очекува да заврши во ноември годинава и истакна дека проекцијата оди брзо и ефикасно. Воедно, премиерот Ковачевски и специјалниот пратеник Сарацин разговараа и за уставните измени, кои како што беше посочено ќе поминат низ процедура на дискусија и консултации. Северна Македонија е на патот кој води кон напредок и просперитет, а тоа е членство во ЕУ, затоа е потребна широка поддршка околу уставните измени. Премиерот изрази надеж дека сите политички партии ќе работат заедно за да се унапредат реформите за побрзо членство во ЕУ.
Во телефонскиот разговор беше потенцирана важноста за нашата земја која 2023 година е претседавач со ОБСЕ. Премиерот ја истакна важноста за меѓународниот успех на Северна Македонија како и дека, претседавањето со Организацијата е признание за покажаниот напредок кој како земја го демонстрираме во изминатите години.