Премиерот Димитар Ковачевски изрази сочувство до неговиот полски колега, Матеуш Моравецки и полскиот народ за загубата на животи во експлозијата во близина на украинската граница.
„Ова е време да бидеме уште порешителни во нашата основна задача – да ја одржуваме територијата на НАТО безбедна и сигурна. Работиме заедно со сојузниците за да се соберат сите факти за овој трагичен настан“, вели Ковачевски.
Condolences to @MorawieckiM and the Polish people for the loss of life in the explosion near Ukrainian border. This is a time to be even more resolute in our core task – keep NATO territory safe and secure. Working together with Allies to gather all facts on this tragic event.
— Dimitar Kovachevski (@DKovachevski) November 15, 2022
Претходно со коментар се огласи и министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој кажа дека внимателно ја следат ситуацијата.
Два проектила паднаа во Пжеводов – полско село во близина на границата со Украина, пришто две лица загинаа.
Агенцијата „АП“ претходно објави, цитирајќи висок претставник на американското разузнавање, дека се работи за руски проектили, но Пентагон кажа дека во моментов нема информации за да ги потврди тие извештаи.
Се огласи и Москва. Велат, Полска намерно провоцира за натамошна ескалација.
Укаринскиот претседател, Володимир Зеленски прстот го впери во Русија и рече дека ова е руски ракетен напад врз колективната безбедност, па оттука мора да се дејствува.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг укажа на важноста да се утврдат сите факти, додавајќи дека НАТО ја следи ситуацијата во Полска и сојузниците внимателно се консултираат.
Полска го подигна нивото на борбена готовност и го активира членот 4 од повелбата на НАТО. Членот 4 од договорот за НАТО го опфаќа сценариото во кое земја-членка се чувствува загрозена од друга земја или терористичка организација. „Страните меѓусебно ќе се консултираат секогаш кога, според мислењето на која било од страните, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните е загрозена“, се вели во договорната клаузула.
Потоа, 30-те земји-членки започнуваат формални консултации на барање на засегнатата членка. Во разговорите се разгледува дали има закана и како да се спротивстави, а одлуките се носат едногласно.
Меѓутоа, членот 4 не значи дека ќе има директен притисок за дејствување. Овој механизам за консултации е лансиран неколку пати во историјата на НАТО. Еден пример е пред една година, кога турските војници беа убиени во напад од Сирија.
Во тој случај НАТО беше консултиран, но не презеде ништо.