Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на почетокот на годинешниот Самит „Македонија 2025“, посветен на просперитетни економии, преку општествена трансформација, дигитализација и стратешко лидерство, а којшто ќе се одржува во следниве два дена во Скопје.
„Низ посветена работа и преку стратешкото лидерство на кое што ги поставивме владините политики изминативе години остваривме перспективи за просперитетна македонска економија. Имено, еден од клучните предизвици со кој се зафативме и на кој работиме по 2017 е рестуктурирањето на нашата економија, рече Ковачевски и додаде:
„Во 2018 година беше одобрен планот за економски раст и тогаш за прв пат тогаш почнавме покрај поддршката на странските инвестиции да ги поддржуваме и домашните инвеститори. И ова вроди резултат и покажа дека оваа Влада не е фокусирана само во еден од параметрите во економијата, односно растот на БДП, туку за клучно ја сметавме поддршката на компаниите, бизнисот, за да може да е бизнисот спремен да одговори на предизвиците и да го донесе толку посакуваниот раст и развој во нашата економија.
Инвеститорите кои што доаѓаат во земјата остануваат и го прошируваат својот бизнис, го зголемуваат бројот на вработените и создаваат додадена вредност на нашата економија. А доколку ги погледнете анализите тогаш ќе забележите дека и нивото на плати, тука имаме и претставници на советот на странски инвеститори дека и нивото на плати веќе не е на ниво на минимална плата, туку веќе е над просечната плата во најголем дел од фабриките кои работат во слободните економски зони, посочува Ковачевски.