Утрински Весник
Македонија

Ковачевски – ОБСЕ „Квинта“ амбасадори: Северна Македонија е позитивен пример како низ дијалог се наоѓаат решенија кои водат кон стабилност и просперитет

Ковачевски – ОБСЕ „Квинта“ амбасадори: Северна Македонија е позитивен пример како низ дијалог се наоѓаат решенија кои водат кон стабилност и просперитет

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска се сретнаа со амбасадорите на земјите од Квинта. Станува збор за амбасадорите на Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, кои присуствуваа на конференција за справување со антисемитизмот во регионот на ОБСЕ, како прва од серијата значајни конференции и состаноци што ќе се организираат за време на претседавањето на нашата држава со организацијата.

dobivaj vesti na viber

Премиерот Ковачевски на состанокот изрази благодарност за соработката и ја потенцираше поддршката што во целост Владата ја дава за претседавањето на Северна Македонија со најголемата светска регионална безбедносна организација, истакнувајќи дека тоа за нашата држава е голема чест, но во исто време и голема одговорност.

Премиерот подвлече дека приоритет на претседавањето на Северна Македонија ќе биде хуманата безбедност, со акцент на ситуацијата во Украина, засилени теренски мисии, како и ставање фокус на луѓето и нивните потреби.

Премиерот Ковачевски ја изрази важноста за обезбедување поддршка за функционалност на институциите на ОБСЕ, бидејќи како што потенцираше организацијата има разни механизми и алатки за поддршка на мирот и безбедноста, како и спречување на нови конфликти. Тој подвлече дека како претседавачи со ОБСЕ, нашата земја е подготвена да обезбеди политичко раководство на организацијата стремејќи се да придонесе во процесите за поголема стабилност, кои се клучни за севкупната европска безбедност.

Ковачевски истакна дека Северна Македонија е отворена за конструктивни предлози за унапредување на улогата на ОБСЕ за време на нашето претседавање.

На состанокот заеднички беше констатирано дека борбата против корупцијата и промовирањето на доброто владеење треба да се на врвот на приоритетите со цел одржување на демократскиот и социо-економскиот раст.

Што се однесува до внатрешно политичката состојба во земјата, премиерот Ковачевски истакна дека следува период на поинтензивни консултации и дебати за уставните измени коишто следат, како услов за понатамошно напредување кон ЕУ. Премиерот Ковачевски на состанокот нагласи дека од голема важност за Северна Македoнија е поддршката на САД и ЕУ, за земјата да ги заврши потребните реформи во нејзиниот евроинтеграциски процес.

Можете да прочитате

Полициските униформи станаа тријазични

ДУИ се сретнаа да разговараат, Огнените ќе почекаат нивните теми да стасаат на ред

Кичево прослави 10 години „албанско владеење“, власта се уште молчи