Премиерот Димитар Ковачевски се сретна со Пол Мекарти, регионален директор за Европа на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
На состанокот е разговарано за актуелни прашања од значење за нашата држава и за регионот и Европа.
Во таа насока е оценето дека од суштинско значење е Северна Македонија да продолжи да се движи напред по членството во НАТО и кон полноправно членство во Европската Унија.
Ова, како што е констатирано, ќе го осигура квалитетот на живот на граѓаните во земјата во насока на унапредување на животниот стандард, квалитетот на услугите, владеењето на правото, кои се клучни граѓански интереси.
На состанокот е изразено очекување дека демократски определените политички субјекти во следните неколку месеци ќе се вклучат активно во одлуките што ќе ги осигурат европските перспективи на граѓаните и Северна Македонија.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за долгогодишната принципиелна и конструктивна соработка со Меѓународниот републикански институт (ИРИ), која води кон унапредување на демократските процеси во државата.
„Владата и јас како премиер активно сме посветени на перспективите. Државата денес е рамноправна членка на НАТО. Отворивме преговори со ЕУ заштитувајќи го македонскиот јазик и идентитет. Ги решававме актуелните предизвици од ситуацијата во Украина преку цврстото партнерство со САД и европските пријатели. И тоа што е потребно е разум од сите политички субјекти дека шансата да направиме нов чекор напред е сега“, рече премиерот Ковачевски.