Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Идентитетот е чувство – тоа ниту некој го дава ниту некој може да го земе

Ковачевски: Идентитетот е чувство – тоа ниту некој го дава ниту некој може да го земе

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во интервјуто за српскиот дневен весник „Политика“ посочи дека денес македонскиот јазик е заштитен и рамноправно признаен меѓу европските јазици, а европерспективите се достижна цел до 2030 година, што е резултат на вистинските патриотски политики што ги застапуваат тој како премиер и проевропската Влада.

dobivaj vesti na viber

„Македонскиот јазик и македонскиот идентитет не е можно да зависат од кого било, освен од нас, големото мнозинство граѓани во Република Северна Македонија, кои се чувствуваме Македонци и пишуваме и говориме македонски јазик.

Идентитетските определби се чувство – тоа ниту некој го дава ниту некој може да го земе. Ние сме Македонци, кои пишуваат и зборуваат македонски јазик. Имаме своја македонска историја, култура, традиција по која сме како посебен народ и посебна држава препознаени и признаени во светот. Македонскиот јазик е признаен и прифатен рамноправно меѓу европските јазици за што конкретен доказ е веќе потпишаниот договор со ФРОНКЕКС.

Европските интеграции се иднината на целиот Западен Балкан. Тоа за нашите држави и за регионот значи унапредување на квалитетот на живот на граѓаните и обезбедување предвидливост во безбедноста и стабилноста на целиот Западен Балкан.

Ова второво, по војната во Украина, особено стана јасно и за Европската Унија. Ние географски сме дел од Европа и потребно е заедништво во надворешната политика, особено кога станува збор за одбраната на мирот и демократските вредности.

Воопшто не е далеку тоа да се случи во 2030 година, туку, напротив, е рационална и достижна цел за да ги реализираме потребните реформи на домашен план и да ги унапредиме економиите и билатералните односи преку активна, искрена и одржлива регионална соработка.

Јас сум реален човек, немам пракса да застапувам оптимизам или песимизам, туку сум определен да дејствувам кон она што сметам дека носи добро за граѓаните и за државата.

Не калкулирам со лични и политички интереси, туку целосно се ангажирам да придонесам во тоа добро.

За мене, тоа е чин на врвен патриотизам кон својот народ и својата земја и така ќе продолжам да работам“, порача премиерот Ковачевски во интервјуто за српскиот дневен весник „Политика“.

Можете да прочитате

Екс претседателот Ѓорге Иванов стана Почесен доктор на науки на Универзитетот во Текирдаг

СДСМ: Димитриевски треба да одговори за големиот скандал, а враќањето членови од ЗНАМ во СДСМ веќе започна

Одбележана 10 годишнината од настаните во Диво Насеље во Инџиково