Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари средба со претставници од американската бизнис заедница, кои имаат интерес за инвестирање во Македонија.
Делегацијата од американски бизнисмени беше предводена од Ерик Мејер, заменик шеф на Мисија во Амбасадата на САД во Скопје, како и специјални претставници од Стејт департментот.
Тема на разговор беа условите за инвестирање во државава, посебно во делот на зелената енергија, како и поволностите кои земјата ги нуди за инвеститорите.
Поздравувајќи го интересот на американските компании за инвестиции во државава, Ковачевски ги охрабри присутните бизнисмени да ги разгледаат можностите за вложување во различни сектори.
Тој истакна дека Северна Македонија е веќе препознаена од страна на други инвеститори како стабилна и безбедна дестинација за инвестирање.
Премиерот ги информираше присутните дека според актуелната законска регулатива, вкупната финансиска поддршка која може да биде исплатена, не може да надмине 50 отсто од висината на реализираните оправдани инвестициски трошоци.
Притоа, тој ги спомена олеснувањата за странските инвеститори, како: повратот на инвестициските трошоци, ослободувањето од плаќање комунални такси на локалната самоуправа и такси за земјиште за одобренија за градба, како и олеснувањата во однос на даноците.
Премиерот Ковачевски, ги запозна претставниците од американските компании, дека Владата во наредниот период ќе се фокусира на целосно регионално патно, железничко, инфраструктура и енергетско поврзување.
За таа цел, премиерот на состанокот говореше и за проектите чија реализација е во тек, како и идните планови за регионално и меѓународно поврзување.
На состанокот присуствуваа претставници од Ексим банка, Иновацискиот фонд за енергетика на Безос, Сименс Енерџи, заменик претседател на американско централно европската бизнис асоцијација и други.