Премиерот Димитар Ковачевски се сретна со државна секретарка за Европа на Француската Република, Лоранс Бун.
На прес-конференцијата, како и на средбата е испратена пораката дека денешната посета на државната секретарка е за да се покаже доследност во пријателството помеѓу Француската Република и Северна Македонија, по европскиот договор, со што се отворени европските перспективи за нашата држава и да се манифестира јасна поддршка за европските перспективи на нашата држава.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за големото и искрено пријателство помеѓу Северна Македонија и Француската Република, значајно за демократскиот и европскиот развој на нашата држава.
Премиерот Ковачевски на прес-конференцијата оцени дека „Француското претседателство во ЕУ беше клучно на нашиот европски пат“ и дека Република Северна Македонија продолжува да работи на остварувањето на оваа државна стратешка цел.
„На 26 октомври го потпишавме договорот за ФРОНТЕКС кој е прв документ на кој имаме ставено потпис заедно со сите останати 27 земји членки на ЕУ, на македонски јазик, без никакви додавки, ѕвездички и фусноти. Ова се три датуми кои остануваат врежани во македонската историја како денови кога ние добивме целосна потврда за нашите заложби за европска иднина и кога добивме потврда дека македонскиот јазик е заштитен и е на исто рамниште со останатите јазици на Европската Унија“ рече премиерот Ковачевски.
Тој порача дека „успеавме да се избориме за заштита на македонскиот јазик, на македонскиот идентитет, се изборивме за историските прашања да разговараат експерти, а не политичари и успеавме да ги одблокираме сите процеси кои нѐ кочеа толку долго време. Успеавме конечно да започнеме со реалната трансформација на општеството преку скрининг процесот, на кој сме навистина посветени да го завршиме во рокот кој го зададовме на почетокот. Македонскиот тим е подготвен, има експертиза, знаење, и ќе го заврши скринингот во планираниот период од 14 месеци“.
Бун, пак, порача дека Република Северна Македонија заслужува да биде дел од Европската Унија.
„Работевме заедно за европските перспективи затоа што тоа го заслужувате. Сакаме да останеме со вас и во следните етапи, за постигнување на оваа цел“, рече таа.
Бун оцени дека Република Северна Македонија е столб на стабилноста во регионот. Исто така го нагласи значењето на договорот со ФРОНКЕТС, потпишан и на македонски јазик, за што на средбата е констатирано дека е силно признание од страна на ЕУ.