Утрински Весник
Македонија

Ковачевски бара МВР ригорозно да реагира за куршумот во дворот на Таравари

1707139907 Unnamed File.jpg

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека загрижува информацијата за пронајден куршум во дворот на лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари и посочи дека доколку е точна, МВР треба да интервенира и во овој случај, исто како што интервенираше во врска со вчерашниот напад на директор на владина институција.

-Секако дека ме загрижува ова. Се информирав дека МВР веќе има интервенирано во делот на тепачката која што се има случено вчера во Тетово, каде што е нападнат директор на владина институција од страна на лице кое што е идентификувано со име и презиме. Сметам дека МВР тоа треба да го заврши. И доколку и оваа информација која што сега ја споделивте е точна, тогаш треба на ист начин ригорозно да се интервенира, рече Ковачевски за време на неговата посета на градинката „Пролет“, во одговор на новинарско прашање.

На новинарско прашање дали по турбуленциите во Алијанса за Албанците викендов, смета дека оваа партија е поблиску или подалеку од Европскиот фронт, Ковачевски одговори дека секоја политичка партија одлучува во рамки на своите органи за тоа како ќе се постави во политичкиот простор. Како што рече, останува на Алијанса за Албанците да одлучи дали ќе е за ЕУ или за „некакви недефинирани алтернативи“.

-Секоја политичка партија ги бира своите коалициски партнери согласно вредностите кои ги дели. На изборите во 2024 година ќе имаме два блока на политички партии, едниот кој ќе биде за европски интеграции и другиот кој ќе биде за изолација. Едниот блок кој ќе биде за Северна Македонија членка на ЕУ, дел од Западна Европа и Северна Македонија, вториот блок, со некаква алтернатива нејасна, необјаснета од никого, која што ќе гледа повеќе на Исток отколку на Запад. На Алијанса е да одлучи дали ќе оди на Запад или ќе оди на Исток, дали ќе оди за Европа или ќе оди за некакви недефинирани алтернативи коишто никој не ги објаснува. Тоа е сепак нивна одлука, рече Ковачевски.

Тој појасни дека не може да даде лично мислење за која било политичка партија, бидејќи станува збор за нивни лични одлуки.

– Јас не можам да дадам мое лично мислење за која било друга политичка партија. Тоа е сепак нивна работа. Меѓутоа, јас посакувам партиите кои се за јасна европска интеграција на државата да бидат што повеќе во државата, бидејќи на тој начин полесно ќе носиме важни и големи одлуки за државата и нема да се доведеме во ситуација повторно да бидеме 17 години на чекање во некаква чекална, за да продолжиме со следниот чекор во интеграциите во ЕУ, рече Ковачевски.

Прашан до каде е постапката за избор на претседателскиот кандидат, тој рече дека е во тек, односно заврши предлагањето во месните организации, а сега како што рече, општинските организации треба да го дадат својот збор.

-Процедурата за избор на претседателски кандидат е некаде на средина, со оглед на хронологијата и на постапката која што се одвива. Завршува предлагањето во месните организации. Сега општинските организации ќе го дадат својот збор и потоа целата документација во однос на кандидатите за претседател и на кандидатите за пратеници доаѓаат во Централниот одбор каде што исто така постои постапка на Извршен одбор, раководство, Централен одбор којшто го закажуваат конгресот и се бира кандидат и за претседател на едниот конгрес и за пратеници на пратеничките листи на втор конгрес, којшто исто така е закажан, рече Ковачевски.

Можете да прочитате

Давкова: НУБ „Св. Климент Охридски” е амбасадор на македонската културна историја и чувар на македонскиот идентитет

СЕОУГС Васил Антевски Дрен, Скопје – лауреат за Европската награда за иновативна настава (EITA) за 2024 година

НИ СЛЕДУВААТ УМЕРЕНИ ДО ЈАКИ МРАЗЕВИ: Температурите ќе се спуштат дури и под -10 степени!