Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Ја замрзнавме цената на лебот, нема да дозволиме едни да плаќаат други да се богатат

Ковачевски: Ја замрзнавме цената на лебот, нема да дозволиме едни да плаќаат други да се богатат

Владата на денешната седница ја укина субвенцијата за струја на пекарниците и ја замрзна цената на лебот на 33 денари. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека одлуките ги носат за да не дозволат едни да плаќаат други да се богатат оти и покрај субвенцијата за струја, само некои ги намалиле цените.

dobivaj vesti na viber

„Јас неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Помина доволно време за да се усогласат цените. По извршените проверки од Државниот пазарен инспекторат иако производителите добиваа субвенција за електрична енергија, цените на производите не ги намалија или ги намалија незначително. Ова се однесува на дел од производителите на основни прехранбени продукти, дел намалија од 7-12 проценти. Затоа денес ја укинавме оваа мерка. Ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика. Ја замрзнавме цената на белиот и полубел леб сечен и на парчиња или цел на 33 денари леб, со тежина од 450 грама. Цената на лебот под 450 грама ќе биде до 33 денари. Антикризните мерки не ги донесовме за едни да бидат поповластени од други, едни да плаќаат други да се богатат и да удрат по џебот на граѓаните за бенефит на поединци“, рече премиерот Ковачевски.

Крајната цел на субвенцијата, како што нагласи Ковачевски била да се овозможи пониска цена на производите за граѓаните, па од тука мерката се укинува.

Пекарниците вчера се заканија дека ќе престанат да произведуваат леб и да го носат на пазарот ден откако ќе биде објавена во „Службен весник“ одлуката за замрзнување на цената на лебот. Пекарско-мелничарската индустрија смета замрзнувањето на цената на 33 денари неминовно води кон затворање на компаниите оти сите веќе бележат загуби или се на нула.

На обвинувањата од министерот за економија Крешник Бектеши дека ја замрзнува цената за да не дозволи воени профитери, му одговори Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија и сопственик на пекарницата „Специјал“. Тој едностраното замрзнување а цената на леб, без консултација со производителите, го нарече советско-болшевичка метода.

На ваквото препукување меѓу министерот и пекарниците претходеше укинување на субвенцијата за струја за пекарската индустрија оти малкумина ги намалиле цените на лебот по што следеше и најавата за замрзнување на цената на лебот.

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег