Со измените на петте закони кои влегуваат во собраниска процедура, создаваме можности за побрза и поевтина изградба на делниците од коридорите 8 и 10 Д, изјави на прес-конференција, пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.
Како што рече, станува збор за најголемата инвестиција во инфраструктурата, вредна 1,3 милијарди евра, од кои најмалку 51 отсто, или над 600 милиони евра ќе завршат кај домашните градежни компании.
„Коридорот 8 ЕУ го признава како европски коридор со геостратешка важност, па оттаму, измените на овие закони се носат со европско знаменце. Носењето на законските измени е да на дозволиме да се повтори катастрофата со автопатот Кичево – Охрид, каде се пробија многу рокови, а поради несоодветниот проект, се потрошија стотици милиони евра повеќе од предвиденото на почетокот. Со потребните законски измени, ќе се унапредува ефикасноста во изградбата на целокупната патната, железничката и енергетската инфраструктура во иднина“, рече Костовски.
Според него, сите стратешки проекти од национален интерес, сите проекти финансирани од ЕУ и од релевантни меѓународни финансиски институции ќе се реализираат согласно новиот пристап кој ќе биде далеку поефикасен и поефективен.
Заклучи дека со изградбата на коридорите, нашата држава станува вистински кружен тек на Балканот. Освен подобро поврзување овој проект обезбедува и економски придобивки преку раст на БДП од два отсто годишно и отворање на најмалку 8.000 работни места, рече Костовски.
Ги повиика сите пратеници низ аргументирана дискусија да дадат поддршка на законските измени, со цел да се заштедат 150 милиони евра народни пари и две години од изградбата, што би се случило доколку овие измени не бидат донесени.