Потпреседателката на СДСМ Кристина Костова во интервју за Рацин.мк се осврнува и на внатрешните состојби во СДСМ посочувајќи дека важно е да се препознаат а потоа и да се отстранат причините за разочараноста и незадоволството на одредени членови
„Одамна сме констатирале дека кога СДСМ губи, не губи од туѓите, туку од своите, но јас би се надоврзала на оваа констатација со видувањето дека ставовите на членовите, особено оние изблици на незадоволство и разочараност од минатата година не смееме да ги игнорираме. Важно е да се препознаат изворите на незадоволство кои придонесоа за поразот во 2024 година, но и да се преземат конкретни чекори за истите да бидат отстранети. Меѓусебната доверба можеме да ја вратиме преку искрен пристап, прифатени сугестии базирани на издржана и конструктивна критика. Лошите практики да ги осудиме и да ги оставиме во минатото“ вели таа.
Костова додава дека новото раководство го слуша гласот на секој член, дека се разговара со сите општински организации со цел партијата да се врати на победничките патеки.
„Мојот впечаток е дека и покрај незавидниот резултат од 2024 година, нашите другарки и другари не се откажуваат и имаат волја за работа. Поголема автономија во локалното организирање може да придонесе кон забрзано збивање на редовите. Оттаму, е особено значајно во периодов кој ни следува да се формираат општински раководства кои произлегуваат од локалните партиски авторитети и се препознаени во нивните средини како доблесни и чесни социјалдемократи, кои никогаш не застраниле од социјалдемократските, па ако сакате и поконкретно – сдсмовски принципи, а и генерално морални и етички граѓански вредности. СДСМ отсекогаш располагала со такви луѓе, кои не секогаш биле овенчани со ловорики после победа, но и тоа како знаат успешно да изодат трнливи патишта. Време е да им се даде шанса на искрените наши соборци кои ѝ мислат добро на партијата и на земјата“ заклучи Костова.