Денеска во посета на градинката „Детска радост“ – објект „Сончоглед“ во Автокоманда, Општина Гази Баба, беше министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, каде што заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, им читаа сликовници на дечињата, а потоа поразговараа со нив.
„ Детската библиотека во градинката ја збогативме со нови сликовници кои се поддржани од Министерството за култура. Децата се иднината на светот, тие се полни со знаење, креативност, фантазија. Тие се љубопитни чисти души кои сакаат да откриваат нови светови, а книгите се најголемото богатство. Чувме мудри, искрени одговори од дечињата, кои споделија со нас зошто сакаат приказни, кој најмногу сакаат да им чита, која е нашата азбука, како се вика нашиот јазик и друго“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Додаде дека пред 10 години издавачите се жалеа дека е загрижувачки мал бројот на наши автори на сликовници и воопшто на книги за деца и млади и дека затоа се принудени да преведуваат странски автори или да препечатуваат стари изданија само колку да има наши автори.
„Таа слабост ја увиде и Министерството за култура и, за среќа, во последниве три години состојбата се менува. Во меѓувреме се појавија и нови генерации, кои со својот талент и страст целосно се посветија на оживување на овој битен сегмент од литературата. Имаме прекрасни умни писатели за деца, имаме уште поумни дечиња. Тоа е комбинација за чиста петка, која со цело срце ја заслужува нашата поддршка“, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Имаме сериозна задача и заедничка одговорност, додаде таа, да се создадат услови за читање, да се развие култура на читање и секојдневно да се поттикнува љубовта на децата кон книгата.