Утрински Весник
Култура

Костадиновска-Стојчевска: Културата е моќен потенцијал за силен идентитет во рамките на обедината Европа

Костадиновска-Стојчевска: Културата е моќен потенцијал за силен идентитет во рамките на обедината Европа

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во хотелот „Хилтон“ учествуваше на панел-дискусијата „Кластер 3: Конкурентност и инклузивен раст“ во рамките на настанот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности“, во организација на Секретаријатот за европски прашања.

dobivaj vesti na viber

Во своето обраќање пред присутните панелисти, министерката Костадиновска-Стојчевска истакна дека евроинтеграциските процеси во моментов се еден од најважните приоритети на земјава. Од тие причини, овие програми и учеството во нив се доказ дека културните активности се еден од најсилните потенцијали на една земја за создавање силен идентитет, но тие играат и клучна улога во делот на негување добрососедски односи во регионот, што, пак, е еден од условите што треба да го исполни секоја земја аспирант за членство во ЕУ.

Потврда за тоа, како што рече Костадиновска-Стојчевска, е и долгогодишната соработка со Европската Унија, преку учеството на земјава во програмата „Креативна Европа“, како една од најважните алатки за поддршка на европската културна соработка изразена преку културното творештво и обединување на различностите.

– „Креативна Европа“ соодветствува со современите предизвици со кои се соочуваат културните и креативните сектори во Европа и пошироко, како што се: заштитата и промоцијата на европското културно наследство, јазичната разновидност, културата како механизам за меѓусебно почитување, толеранција и помирување, родовата еднаквост, интердисциплинарноста и интерсекторската соработка, социјалната кохезија на културата, мобилноста на уметниците и нивните дела, едукацијата, дигитализацијата – рече министерката за култура.

Таа потсети дека е во тек нов циклус на програмата „Креативна Европа“, чија рамка е до 2027 година, и дека Министерството за култура продолжува со понатамошни заложби и конкретни мерки како одговор на предизвиците базирани врз досегашните искуства од спроведувањето на програмата на национално и на локално ниво.

– Задоволни сме од резултатите на досегашните повици од новата програма – рече Костадиновска-Стојчевска и додаде дека во рамките на потпрограмата „Култура“ се поддржани 14 проекти од различни категории на програмата (паневропски ентитети, проекти за соработка, проекти за циркулација на европски книжевни дела, платформи) со грант од ЕУ во вкупен износ од околу 2 500 000 евра, а во рамките на потпрограмата „МЕДИА“ се поддржани 3 проекти со вкупна поддршка од ЕУ од 142 000 евра.

Таа потврди дека Министерството за култура останува доследен партнер на ЕУ во афирмацијата на програмата преку кофинансирање на проектите на македонските корисници. Костадиновска-Стојчевска додаде дека од особено значење е и регионалната културна соработка, на земјите од Западен Балкан и Европската комисија, особено по вклучувањето на културата во Агендата – Западен Балкан за образование, обука, истражување и иновации, преку посебна стратегиска линија.

Таа рече дека за културата и за напредокот кон евроинтеграциите, Министерството за култура ги врати на доработка Законот за културата, на кој интензивно се работи, и Законот за заштита на културното наследство. Во овој нормативен дел, со широко отворена дебата се врши усогласување на македонските закони со европското законодовство.

На крајот Костадиновска-Стојчевска изрази увереност дека овие заложби ќе придонесат кон успешно затворање на Поглавјето 26 – Образование, култура, и дека посветеноста во работата ќе придонесе за остварување на долгоочекуваниот влез во Европската Унија.

– Оваа година Европа беше посветена на младите, следната е на вештините. Ние ги следиме трендовите, и в година ќе бидме насочени кон унапредување на знаењето и вештините – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Токму вложувањето во човечкиот капитал беше во фокусот на одговорот на прашањето колку дигитализираниот начин на аплицирање помага за конкуренстност и инклузивен раст. Министерката Костадиновска-Стојчевска посочи дека годинава Министерството излезе со поусовршена апликација, преку која корисниците на буџетските средства се вклучени во централниот општествен електронски систем.

– Креиравме апликација која се базира на правичност при селекцијата, со што се избегнуваат слабости предизвикани од човечкиот фактор. Тоа ни помага да се доближиме до демократските принципи на оценување и до еднаквост на апликантите – подвлече Костадиновска-Стојчевска.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“