„За културата не е капитална инвестиција да изградите театар чии темели се во вода. За културата не е капитална инвестиција да подигнете споменик за кој немате храброст да го наречете по име. Ниту е капитална инвестиција „пресвлекувањето“ на минатото. Грабање преку градење во име на културата, најблаго речено, е сквернавење на сопствената култура“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на дводневната Годишна конференција „Година на нови можности“ што денеска и утре се одржува во Скопје.
Во дискусијата на вториот панел „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“ Костадиновска–Стојчевска посочи дека не случајно овој дел од панелот го следи пораката – Културата е инвестиција во нашата потпора, бидејќи културата сама по себе е капитална инвестиција. Во комбинација со нашата свест за нејзината улога и важност, таа носи и огромна добивка која не се мери само како економски бенефит и затоа, како што рече, во културата мора внимателно и остроумно да се инвестира.
За нас, додаде Костадиновска-Стојчевска, капитална инвестиција во културата е да градиме со љубов простор во кој ќе живее нашето вчера, нашето денес, нашето утре за навек. Да ги заштитиме од времето и од невремето темелите на зданијата кои сведочат за нашиот идентитет, за нашата посебна историја. Да ги сочуваме децениските трезори на нашата култура, да ги чуваме спомениците од НОБ како паметник и како потсетник. А ги имаме, и како наследство и како потпора.
„Го реставрираме и конзервираме Ангелот од Курбиново – Црквата Свети Ѓорги, ги засилуваме темелите на скопскиот Аквадукт, дигитализиравме милиони записи во Институтот за македонски јазик, ги санираме и реконструираме Националните културни установи, градиме и доградуваме театри низ државата. Отвораме културно-информативни центри, постепено го враќаме украденото културно наследство дома. Сè повеќе го отвораме Балканот за културата, сè повеќе ја отвораме културата за светот“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Потсети дека минатата година станавме дел од Културните рути на Советот на Европа, а во Давос, пак, станавме дел од Алијансата за Баукултур за вмрежување на соработката на јавниот со приватниот и со граѓанскиот сектор.
Во тој контекст на шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес, како што рече Костадиновска -Стојчевска, Скопје мора да доживее т.н.„Ослободување“ од стиропорот и невкусот на Скопје 2014-та, затоа што Скопје е нашата престолнина која претендираме да стане Европска престолнина на културата за 2028-ма година.
„Впрочем, јас и на почетокот на мандатот, пред точно една година, реков дека мој врвен приоритет ќе биде живата култура. Јас верувам дека добитна комбинација е кога капиталните инвестиции и инвестирањето во сопствениот уметнички потенцијал одат со ист чекор. Зашто, инвестирањето во културата е инвестиција во нашата потпора“ истакна Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска за време на дискусијата потенцираше дека оваа 2023 година е година кога се навршуваат 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, но и година на бројни јубилеи.
„ 2023-та е Година посветена на исклучителниот Ацо Шопов, како и година во која одбележуваме 120 години од Илинденското востание. Во 2023-та се навршуваат 115 години од раѓањето и 80 години од загинувањето на Коста Рацин. 30 години од смртта на Блаже Конески. 120 години од раѓањето и 50 години од смртта на Никола Мартиноски. 80 години од првиот час на македонски наставен јазик во училиштето во Подвис, кичевско. 80 години од Второто заседание на АВНОЈ и исто толку години од формирањето на Иницијативниот одбор за заседанието на АСНОМ и 30 години од нашиот прием, како самостојна држава, во Обединетите Нации. Ова се само дел, но верувам доволно за да потсетам дека меѓу кои кои не потсетуваат дека имаме минато со кое се гордееме, дека имаме длабоки корени кои само заедно можеме да ги сочуваме. Во мудроста е нашиот бедем, а во културата, нашата потпора“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.