Преку програмите за изградба на нови објекти и реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата, досега се инвестирани над 26 милиони денари за реконструкција на Центарот за култура во Кочани.
– Проектната документација е целосно обезбедена и завршена во 2016 година. Реконструкцијата на објектот на НУ ЦК „Бели мугри“ во Кочани е започната во 2018 година со изведба на фазата за реконструкција на покривот, реконструкција на фасадата и промена на фасадната столарија. Со реализацијата на оваа фаза, извршена е комплетна изведба на енергетски ефикасна фасада и изолација на објектот. Нам, како Влада, приоритет ни е сите културни центри, кои со години биле запоставени, во континуитет да се реконструираат, а со тоа ќе се подобри работата на културните работници и ќе се збогати културно-забавниот живот на граѓаните – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која беше на увид во Кочани.
![]()
Таа, при увидот, додаде дека реконструкцијата на објектот продолжи во 2021 година кога беше започната реконструкцијата на гледалиштето во внатрешноста на објектот. Oваа фаза се реализираше со средства во износ над 3 милиони денари.
– Во согласност со планот за реконструкција за оваа 2022 година, предвидени се 16 милиони денари, а заклучно со октомври се реализирани над 8 и пол милиони денари, а во тек е реализацијата на уште еден договор кој се однесува на набавка и монтажа на седишта во гледалиштето, кој е во вредност од над 7 милиони денари и се очекува до крајот на годинава да биде реализиран целосно – вели министерката за култура.
– Во текот на следната година, со реконструкција на системот за греење и ладење во објектот, на делови од електричната инсталација, реконструкција на сцената и на административниот и техничкиот простор од објектот, ќе се изврши целосна реализација на предвидениот проект за реконструкција на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани – рече за крај министерката за култура.



