Утрински Весник
Култура

Костадиновска-Стојчевска: Ја враќаме поставката во блокот 17 на Државниот музеј Аушвиц, заедно со државите од регионот 

Pariz3.jpg

Во седиштето на УНЕСКО во Париз денеска беше потпишан Договорот за финансирање на повторно воспоставување заедничка постојана поставка во блокот 17 на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау во Република Полска.

Присутнитните гости и членовите на делегациите од земјите потписнички:  Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Србија, Северна Македонија  и Словенија ги поздрави генералната директорка на УНЕСКО Одри Азуле.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска не беше во можност да присуствува на церемонијата на потпишување на овој историски Договор, кој претходно го потпиша во Скопје. Нејзиното поздравно  обраќање го пренесе Рефет Хајдари, вршител на должноста во Постојаната делегација на Северна Македонија при УНЕСКО во Париз.

Костадиновска-Стојчевска упати голема благодарност до Организацијата на Обединетите Нации за образование, наука и култура – УНЕСКО и до генералната директорка Одре Азуле, до Австрија и Полска, како и до сите министри на земјите учеснички  за посветеноста во овој значаен процес.

„ Овој договор е манифест на силна регионална соработка базирана на доверба и разбирање, и уште  една потврда дека дијалогот е најхомогениот медиум кој носи решенија преку кои се продолжуваат пораките за  почитување на универзализмот и хуманизмот”, порача во своето обраќање министерката Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура истакна дека македонската Влада останува посветена во зачувувањето на историјата  чувајќи го сеќавањето за холокаустот  како мост меѓу минатото и иднината,  потврдувајќи го значењето на мирот и толеранцијата.

„Блокот 17, како дел од музејскиот комплекс, повторното воспоставување на заедничка поставка е наш долг и обврска кон минатото, почит и сеќавање  на холокаустот за никогаш да не се заборави, за никогаш да не се повтори”, се вели во обраќањето на министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска по повод одбележувањето на овој значаен настан вели дека сите народи во светот имаат одговорност да дадат свој посебен придонес кон мирот и хармонијата, да се залечат раните од минатото, да се сеќаваме, но не и да заборавиме, да се бориме против сите облици на  насилство и антисемитизам за доброто на идните генерации.

Покрај церемонијата на потпишување на договорот за постојана поставка во блокот 17 на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау која треба да биде дизајнирана од познатиот архитектот Даниел Либескинд, во седиштето на УНЕСКО во  Париз  се одржа и пригодна програма со повеќе културни содржини со кои се одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот. 

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“