
Согласно Статутот на Кошаркарската федерација на Македонија, особено членовите 2, 13, 14, 17, 18 и 43, Федерацијата има јасна обврска и должност да ги почитува и спроведува сите свои акти, да обезбеди еднаков третман кон сите клубови и да гарантира целосна регуларност на натпреварите во сите категории – без разлика на нивниот ранг, историја или традиција.
Оваа обврска не е формална, туку суштинска. Таа претставува темел на кредибилитетот и угледот на македонската кошарка, која мора да се развива во фер и еднакви услови за сите учесници. Федерацијата, како институција од јавен интерес, има должност да постапува правично, доследно и непристрасно, и тоа ќе го прави во секоја ситуација.
Доследна примена на актите и одговорност за сите субјекти
Во изминатото, трето (3) коло и тековното, четврто (4) коло, од првенството во МТЕЛ Супер лигата – мажи беа евидентирани неколку пропусти што директно влијаеја врз регуларноста на натпреварите. Согласно Правилникот за натпреварување, Пропозициите за натпреварување и Дисциплинскиот правилник на КФМ, а врз основа на член 43 од Статутот, Федерацијата презеде конкретни мерки:
1. За грешката во последната минута од натпреварот КК „Кожув“ – КК „Гостивар“, санкционирани се судиите со забрана за вршење должност на 4, односно 2 натпревари, согласно членот 42.9.7 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги;
2. За грешката на натпреварот КК „Куманово“ – КК „Феникс“, делегатот е санкциониран со забрана за извршување функција на 4 натпревари, член 60.1 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги;
3. За натпреварот КК „Пелистер“ – КК „Маџари“, за делегатот ќе биде изречена истата мерка – забрана за вршење должност на 4 натпревари, член 60.1 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги;
4. За пропустот на КК „МЗТ Скопје“, за време на натпреварот со КК „Ангели“, при кој во игра бил вклучен играч кој не бил наведен на образецот NAT-1, покрај одговорноста на делегатот (60.1) ќе биде применета и мерката – службена регистрација на натпреварот (20:0 во корист на противникот), при што екипата на МЗТ Скопје нема да добие бод, членови 33.6 и 61.8 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги.
Јасна порака до сите учесници во натпреварувањата
Овие мерки не претставуваат чин на казнување, туку на одговорност и принципиелност.
Федерацијата испраќа јасна порака – регуларноста нема компромис.
Никој не е над правилата: ниту судиите, ниту делегатите, ниту клубовите.
Секој што учествува во системот на натпреварување е должен да ги почитува актите, одлуките и процедурите.
Само така се гради фер средина и доверба во институциите.
Интегритетот е највисок спортски интерес
Кошарката е повеќе од резултат – таа е вредносен систем заснован на чесност, фер-плеј и почитување на правилата.
Кошаркарската федерација на Македонија ќе продолжи да ги спроведува своите акти доследно, транспарентно и без селективност, затоа што само така се чува угледот на спортот и се испраќа порака дека интегритетот не се преговара – се брани.
Кошаркарска Федерација на Северна Македонија



