Женската кошаркарска репрезентација на Македонија ги дозна противниците во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2025 година. Во Г групата Македонија ќе игра против репрезентациите на Србија, Украина и Португалија.
Квалификациите за женскиот Евробаскетот во 2025 година, ќе се играат во три „прозорци“ на ФИБА.
Натпреварите се закажани за 9. и 12. ноември 2023 година, на 7. и 10. ноември 2024 година, како и на 6. и 9. февруари 2025 година, кога ќе бидат познати сите учесници на завршниот турнир.
Согласно со системот за натпреварување, победниците на осумте групи, заедно со најдобрите четири второпласирани тимови, земајќи ги предвид сите резултати во групите, ќе се квалификуваат за Евробаскетот во 2025 година.
Инаку, за прв пат откако е воведен овој формат, со четири држави кои се во улога на ко-организатори, ќе биде формирана уште една квалификациска група.
Во И групата ќе се натпреваруваат, домаќините на турнирот Чешка, Германија, Грција и на Италија, но без натпреварувачки карактер.
Квалификациски групи за ЕП:
Група А: Шпанија, Летонија, Холандија, Австрија
Група Б: Унгарија, Словенија, Бугарија, Финска
Група Ц: Белгија, Полска, Литванија, Азербејџан
Група Д: Велика Британија, Шведска, Данска, Естонија
Група Е: Франција, Хрватска, Израел, Ирска
Група Ф: Турција, Словачка, Романија, Исланд
Група Г: Србија, Украина, Португалија, Македонија
Група Х: БиХ, Црна Гора, Швајцарија, Луксембург
Група И: Италија, Грција, Чешка, Германија
Фото/ kfsm.mk