Контроли во струшкото Обвинителство и Вишото јавно обвинителство-Битола донесе случајот со градоначалникот Рамиз Мерко, кој има шест активни и над десет затворени кривични пријави. Од Обвинителството три дена не даваат податоци во врска со предметите, начинот на кој е постапувано, како и детали од извештаите од контролите кои изминатата година биле вршени. Утрово само посочуваат дека комисијата која прави увид ќе изготви извештај.
„Четиричлена комисија од јавни обвинители од Јавното обвинителство на РСМ денеска врши надзор на постапувањето во предметите во ОЈО Струга и ВЈО Битола. По целосните проверки на постапувањето, Комисијата ќе изготви извештај“, велат од Обвинителството.
Контролите се во струшкото Обвинителство бидејќи таму има и најмногу кривични против Мерко, а во Вишото обвинителство-Битола бидејќи тие се контролори на струшките колеги. Одлуките кои ги донеле Обвинителите за затворање на постапките не можат да бидат променети, но доколку има пропусти – против нив може да се покрене дисциплинска постапка.
Засега изостануваат низа одговори од постапувањето на обвинителите. „Макфакс“ објави дека предметот за набавката на лускузното „Ауди“ е затворен, но не се знае кога. Прашавме и дали при редовните контроли на Вишото обвинителство-Битола имало забелешки по предметите каде пријавен е Мерко – на што не добивме одговор.
„Макфакс“ објави дека по дваесет години седење во државна фотелја, правосудните институции во Македонија не најдоа незаконско постапување кај струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ. Стејт департментот го стави на црна листа поради корупција, додека струшкото Обвинителство ги отфрли девет од дванаесет кривични пријави, во кои дел имаше и вакви наводи.
Предмети против Мерко во Обвинителство со години тапкаат во место – го пријавувале граѓани, адвокати, Финансиска полиција.
Минатата недела, контроли во Судот во Струга започна и Судски совет.