Утрински Весник
Македонија

Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци, се очекува реизбор на Мицкоски

20251205131326 big 730x400 30.webp.webp

Во Кавадарци утре на 18. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да биде реизбран Христијан Мицкоски за лидер на партијата, кој е и единствен кандидат за функцијата. На Конгресот се очекува да присуствуваат 2.600 лица, од кои 850-860 делегати и 1.700-1.800 гости и на него треба да биде донесена „Стратегија Македонија 2030“.

-Генерално, станува збор за документ што ја содржи визијата за тоа како ние, како ВМРО-ДПМНЕ, во моментов владејачка партија, а се надеваме и во периодот кој што го опфаќа овој документ до 2030-тата ќе биде така, ја гледаме Македонија и кои се столбовите на кои што ќе ја темелиме нашата политика и како политичка партија и како најголема политичка партија во рамки на Владата, рече вчера на брифингот со новинарите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Мицкоски.

Според него, ова ќе биде до сега најмасовен Конгрес, ќа има и обраќања од неколку сестрински партии. Конгресот ќе се одвива според вообичаено сценарио – усвојување на дневниот ред, избор на работно претседателство што ќе претседава со самиот настан, усвојување на Стратегијата Македонија 2030, потоа избор на изборна комисија, предлог или предлози за кандидат(и) за претседател, обраќања на дел од делегатите, а ќе се разгледува и извештајот за материјално – финансиското работење на партијата.

На Конгресот ќе има претставување на кандидатот за претседател, во чии рамки ќе треба да даде визија за следниот период.

Потоа следува самото гласање, по што ќе има извештај на Изборната комисија. Ќе бидат избрани претседател и членови на статутарната комисија кои што ги предлага претседателот, како и на комисијата за надзор на материјално финансиско работење. На крај, на Конгресот е предвидено обраќање на избраниот претседател на партијата.

Мицкоски најави дека доколку биде избран тоа ќе биде негов последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи Статутот на партијата предвидува една личност да може да биде реизбрана за претседател најмногу три мандати. – И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот, рече актуелниот партиски лидер и премиер Христијан Мицкоски.

Тој истакнува дека е важно да се потенцира тоа што прв пат како политичка партија немаат долгови. Во  2018 година, рече, ситуацијата не беше розева, ниту пак предвидувањата за ВМРО-ДПМНЕ, но во овој момент немаме изложеност кон банки, немаме долгови кои што условно сме ги имале во минатото, подвлече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Можете да прочитате

Заев со остра порака на Фејсбук кон Груевски

Запленети цигари, девизи, лекови и верски предмети

Повторно затворен граничниот премин Евзони