
Денеска своето право на глас го остваруваат болните и изнемоштени лица во своите домови, лицата во казнено поправни домови, како и лицата во старските домови, а во досега до ДИК нема стасано пријава или информација за некаков проблем во текот на гласањето, информира денеска Борис Кондарко, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК).
„Тука во ДИК сме во текот на целиот ден, заедно со нашите координатори за контакт со општинските изборни комиси. Досега немаме известување за никакви потешкотии или други проблеми во однос на гласањето. Денеска гласањето започна на време за сите категории лица со право на глас. Немаме проблем ниту со изборниот материјал, немаме полаки, приговори или некои други информации. Надлежни овластени лица од ДИК беа во обиколка на терен, го следиме непосредно процесот и прибираме информации. По завршувањето, ќе информираме за вкупниот одзив од денешниот изборен ден“, рече Кондарко.
Вкупно 4.826 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори. Со почеток во 7 часот утрово, во 14 казнено поправни установи, своето право на глас го остваруваат 1.256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор. 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа своето право на глас може да го остварат во вкупно 13 центри за вонсемејна грижа.
Гласовите ќе се пребројуваат утре, заедно со оние од утрешниот гласачки ден.
Денеска и утре гласаат за нов градоначалник и совет, граѓаните во 33 општини во државата. Во вториот изборен круг ќе се смета за победник оној кој има добиено поголем број гласови, односно нема цензус за избор на градоначаник во вториот изборен круг. Во 43 општини, пак, гласањето е завршено во првиот круг за избор на градоначалници.



