Утре, 10 март во Младинскиот културен центар ќе се одржи концертот на канаѓаните НАДЈА и Уочи Токи од Италија, со почеток во 21 часот.
НАДЈА е дуо на мултиинструменталистот Ајдан Бејкер и басистката Леа Бакареф – активни од 2005 година, кои создаваат музика опишана како експериментален нојз/дум/дримслаџ/металгејз, препознатлив по тоа што ги комбинира атмосферските текстури на шугејзот со амбиентална позадина која има тежина и густина на индустриска бучава.
„Чувството на концертите на Надја се како да делите попладневна дремка покрај силно мамурниот Иги Поп додека сабвуферот експлодира кај соседите од вашиот кат. Сурово, но и чудно како сон. Бејкер и Бакареф работат со оваа контрадикторност, произведувајќи звук што бара брутални, тешки монорифови и ги претвора во спектрални апстракции. Алхемискиот процес на Надја беспрекорно го трансформира тежок метал во апстрактна величественост и конечно во еден вид блажено распаѓање“, велат од МКЦ.
Во својата богата кариера, вклучуваат настапи на фестивали како “SXSW”, “FIMAV”, “Roadburn”, “Donaufest”, “Le Guess Who”, “Incubate” и “Unsound” и заеднички настапи со музички артисти како “Earth”, “OM”, “Khanate”, “Neurosis”,”Godflesh”.По потекло од Торонто, Канада, дуото сега живее во Берлин, Германија.
Ова е нивен втор настап во Скопје, откако во 2012 година настапија во рамки на ‘Cinemusic’ програмата на филмскиот фестивал Синедејс.
Како предгрупа на канадското дуо, ќе имаме можност да проследиме “VR”-сет на италијаните Уочи Токи, кој е магматичен ансамбл од искривени електронски ритми, мрачни амбиентални дронови и течни гличови поддржани од пирокластичен цртеж во живо во виртуелна реалност проектирана на екран. Паѓајќи во сржта на импровизацијата, овој настап станува театарска 3Д-анимација од обоени знаци, подземен проток на звуци и слики. Рико и Напо, двајцата Уочи Токи, ќе го донесат низ Европа сетот VR што го развија минативе години во Италија.
Билетите се во продажба на билетарницата на МКЦ или онлајн на линкот bileti.mkc.mk.