Утрински Весник
Свет

Колку навистина чинат „куќите за едно евро“ во Италија?

Italija kuki 1024x683 1.webp.webp

Иако звучи како бајка можноста да се купи куќа за само еден евро во Италија, реалноста е многу посложена. Овие куќи се наоѓаат во мали и речиси напуштени општини, најчесто во јужниот дел на земјата, кои преку иницијативата „Куќи за еден евро“ се обидуваат да го вратат животот во овие региони. Сепак, вистинската цена не е симболичното евро, туку големиот број скриени трошоци кои ги очекуваат купувачите.

„Куќите што се продаваат за еден евро се во многу лоша состојба, често празни и по 150 години. Тие бараат итни и скапи реновирања“, вели Џузепе Чачопо, градоначалникот на Самбука на Сицилија. Освен инвестицијата во реновирањето, купувачите треба да платат имотен данок, административни трошоци за нотари, адвокати и сметководители – што не е нималку евтино во Италија.


Маурицио Берти, еден од луѓето вклучени во проектот, објаснува дека постои огромен интерес – веб-страницата ја посетиле околу 10 милиони луѓе, најмногу од Северна и Јужна Америка. „Важно е да се знае дека општините имаат строги услови: потребно е да се поднесе план за реновирање, работите мора да почнат во рок од три месеци, а куќата да се санира за максимум три години. Ако не се исполни тоа, следуваат казни и до 20.000 евра“, предупредува тој.

Дополнително, потребно е да се уплати депозит од 5.000 евра кој се враќа само ако сè се заврши на време. Предност имаат оние што планираат да се преселат трајно во куќата. Но и тогаш, пречките не завршуваат – постојат строги архитектонски и културни регулативи за реновирање, одржувањето е скапо, а местата се најчесто изолирани, со малку основни услуги како училишта или болници.

За некои, дополнителна пречка може да биде јазичната бариера и социјалната изолација, бидејќи локалното население е најчесто во поодмината возраст. Затоа, иако постојат и успешни примери, многумина на крај ја напуштаат идејата. Пред да се впуштите во ваква авантура, експертите советуваат добро и детално да се информирате за сите обврски и ризици што стојат зад привлечниот слоган „Куќи за еден евро во Италија“.

Можете да прочитате

Запалени салон на Тесла и седиштето на Републиканската партија

Бројот на жртви во уривањето на кров во ноќен клуб во Доминиканската Република се зголеми на 231

Жижек: Комунизам, но не во советска, туку во транснационална смисла, е единствениот начин за спас на човештвото