Утрински Весник
Македонија

Кога водата станува политичко, а не комунално прашање

Img 6306.jpeg

Пишува: проф. д-р Иван Анастасовски

Постојат моменти кога политиката престанува да биде борба за власт и станува прашање на живот, но веројатно тие момемти во Македонија се редовни и веќе етаблирани за жал. Таков момент е секогаш кога граѓаните ќе почнат да се сомневаат во безбедноста на водата што ја пијат, и од тој миг, кризата повеќе не е комунална, туку таа станува државна (политичка). Сепак за поздравување е брзата реакција на одговорните лица во случајот со водат за пиење во општина Гостивар.


Многу е значајно да дојдеме до стадиум кога ниту една власт не смее да дозволи граѓаните да живеат со прашањето дали водата од чешма е безбедна. Ако тоа се случи, институционалниот проблем станува политички пораз, затоа што државата не постои само за да носи закони и стратегии. Таа постои за да ги заштити животот, здравјето и достоинството на своите граѓани.

Деновиве во јавноста се користеа и зборови како „терор“, „саботажа“ или „напад“, но правницте знаат дека, во правото не смее да се води од емоции. Тероризмот има јасно утврдени законски елементи и за таква квалификација се потребни докази и судска постапка. Сепак, постои едно прашање што политиката не смее да го избегне: ако институциите знаеле за сериозен ризик, а не презеле навремени мерки за заштита на населението, дали тоа претставува најтешка форма на институционална неодговорност?

Факт е тоа дека, државата не ја губи довербата само кога не може да спречи криза, таа ја губи тогаш кога молчи, кога информациите доцнат, кога одговорноста се префрла од една институција на друга и кога никој не чувствува обврска да им ја каже вистината на граѓаните. Но за сега ќе повторам дека има брза реакција од надлежните која сакам да верувам дека ќе заврши во брза постапа со со соодветна казна за одговрните.

Во демократските општества довербата е капитал што тешко се создава, а лесно се губи. Ако граѓанинот не верува дека државата може да му обезбеди безбедна вода, утре ќе се сомнева и во здравствениот систем, и во инспекциските служби, и во институциите што треба да го штитат јавниот интерес. Така започнува ерозијата на државноста, не со големи политички говори, туку со мали, секојдневни сомнежи.

Политичката одговорност не се сведува на прес-конференции, таа подразбира целосна транспарентност, независни анализи, брза реакција и подготвеност да се понесат последиците ако се утврдат пропусти. Во спротивно, впечатокот е дека системот повеќе се грижи за сопствениот углед отколку за безбедноста на луѓето.

На крајот, суштинското прашање не е само дали водата е исправна. Прашањето е дали државата е исправна. Дали функционира навреме, дали ги информира граѓаните чесно и дали одговорноста важи за сите, без разлика на функцијата и политичката припадност.

Држава во која граѓаните со сомнеж ја полнат чашата со вода не се соочува само со еколошки или комунален предизвик, таа се соочува со прашањето дали институциите навистина ја исполнуваат својата најважна обврска – да го штитат животот на секој еден поединец во општеството. А кога таа обврска ќе биде доведена во прашање, политичката одговорност повеќе не е избор, таа е императив.

Можете да прочитате

Уапсени двајца мигранти од Авганистан, краделе по Гевгелија

ДОМ: Идентификувањето на виновниците во Гостивар не смее да го амнестира системот кој ја дозволи катастрофата

Индија гледа кон Македонија – најавена соработка во вештачка интелигенција, фармација и туризам